Игнорантскиот однос кој го покажуват пратениците кон работниците, токму кон оние кои ги бираат за да седат во удобните пратенички фотелји и да ги уживаат бенефициите, предизвика да преминеме кон втората фаза за зголемување на работничките плати, рече Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

Вчера истече рокот што го дадоа работниците за да се направат брзи измени на Законот за минимална плата со цел таа да се зголеми на 600 евра и сите други плати за најмалку 6.000 денари и затоа Претседателството на ССМ донесе одлука за преземење на идни чекори, најави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, на денешната прес-конференција.

Тој информираше дека на 10-ти февруари, кога е закажана седница во Собранието ќе се блокираат пратениците.

– Игнорантскиот однос кој го покажуват пратениците кон работниците, токму кон оние кои ги бираат за да седат во удобните пратенички фотелји и да ги уживаат бенефициите, предизвика да преминеме кон втората фаза за зголемување на работничките плати. Претседателството на ССМ кое е во постојано заседавање, по одржување на седницата на Советот на ССМ за организирање на протести, блокади и штрајкови одржа седница на која одлучи на 10-ти февруари да го блокираме Собранието, да ги блокираме пратениците кои нема да можат да наплатат патни трошоци, а ќе треба да поминат покрај работниците и да им кажат зошто тие ќе имаат право на зголемување на нивните плати, а го чуваат во фиока предлогот на ССМ за зголемување на платите на работниците – рече Трендафилов.

На 12 февруари, ССМ одлучи да ги блокира работодавачите, односно Стопанската комора, Сојузот на стопанските комори и Органзиацијата на работодавачи.

– Работниците ќе ги блокираат газдите, онака како што газдите ги блокираат работниците 36 години држејќи ги со мизерни плати и со закани кон нив. Дојде време кога работниците имаат избор, а газдите немаат. Помина времето кога газдите велеа дека работници има на тони – вели Трендафилов.

Блокадата на Владата е најавена за 17-ти февруари.

– Ќе ги блокираме пристапите за да не може ниту еден претставник на Владата, почнувајќи од претседателот на Владата и министрите, да дојде на седница со удобните службени возила и со возачите и да присуствува. Ќе мора пешки да помине пред работниците и да ги погледа во очи – вели Трендафилов.

За утре пак, во 11 часот ССМ најави доставување на иницијатива во Собранието за измени и дополнување на Законот за плати и други надоместоци на пратениците и на други избрани и именувани лица.

– Предлагаме место нивната плата да се пресметува со тоа што просечната плата во државава да се множи со коефициент за сложеност, основицата за можење да биде минималната плата. Така ќе се намалат нивните плати за 40 проценти. Исто со измените го намалуваме и коефициентот за 40 проценти, затоа што тие си ги зголемија платите за 80 проценти. Нека ги намалат за да не придонесуваат за инфлацијата – иронично кажа Трендафилов.

Тој рече дека се разгледувало организирањето и на уште еден голем работнички протест и дека наредната фаза останува да биде генерален штрајк.