Пазарната вредност на „Волмарт“ надмина 1 билион долари (илјада милијарди), со што најголемиот малопродажен синџир во САД се приклучи на ексклузивен клуб на компании кои го достигнаа тој праг, кој е составен претежно од технолошки гиганти. Растот беше поттикнат од силниот развој на дигиталниот бизнис и привлекувањето нови клиенти, објавува Си-Ен-Би-Си.
Акциите на „Волмарт“ ја затворија трговијата во вторник со раст од речиси 3 проценти, по цена од 127,71 долари, давајќи ѝ на компанијата пазарна капитализација од 1,02 билиони долари на крајот од денот. Во текот на изминатата година, вредноста на акциите се зголеми за повеќе од 28 проценти, а од почетокот на 2026 година за повеќе од 14 проценти. Ова овозможи „Волмарт“ да го надмине индексот S&P 500, кој забележа зголемување од околу 15 и 1 процент, соодветно, во истите периоди.
Влегувањето на „Волмарт“ во групата технолошки компании ги одразува неговите нови амбиции. Во последниве години, компанијата се стреми да го зголеми профитот побрзо од растот на продажбата, потпирајќи се на својот онлајн пазар за продавачи од трети страни и рекламниот бизнис, кои носат повисоки маржи од традиционалната малопродажба. Таквиот бизнис модел го следи патот на својот клучен конкурент „Амазон“, а „Волмарт“ испрати најјасен сигнал за своите технолошки амбиции минатиот месец со котирање на технолошкиот индекс Nasdaq 100.
Овој пресврт доаѓа само неколку дена откако Џон Фурнер ја презеде функцијата нов извршен директор, наследувајќи го долгогодишниот лидер Даг Мекмилон.
Како директор на американските операции на „Волмарт“, Фурнер надгледуваше многу клучни иницијативи кои го поттикнаа растот во последните години. Проекти како што се примање нарачки на паркинг и развој на сопствени брендови со подобар квалитет помогнаа да се привлечат клиенти со повисоки приходи во период на висока инфлација.
Во третиот фискален квартал од 2026 година, чии резултати беа објавени во ноември, „Волмарт“ забележа раст на приходите од 5,8 проценти. Ова беше потпомогнато од скок од 27 проценти во продажбата во е-трговијата и зголемување од 53 проценти во рекламирањето. Компанијата соопшти дека очекува раст на продажбата помеѓу 4,8 и 5,1 проценти за целата фискална година. Резултатите за четвртиот квартал се очекуваат подоцна овој месец.