Нашите инвестиции го поддржуваат овој напредок преку подобрување на транспортната поврзаност, зајакнување на енергетската безбедност, развој на вештини и градење отпорност на климатските промени, рече Де Грот
Групацијата на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во текот на минатата година издвоила вкупно 822 милиони евра за поддршка на одржлива поврзаност, климатски акции и економски развој во Западен Балкан, во согласност со напорите за пристапување на регионот кон Европската Унија.
Од вкупниот износ, 664 милиони евра биле обезбедени преку заеми и гаранции, дополнети со 6,5 милиони евра инвестициски грантови во рамки на Иницијативата за јакнење на отпорноста на економијата на ЕИБ. Дополнително, преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) беа потпишани 151,1 милион евра грантови од ЕУ.
Најголем дел од инвестициите, 58 %, биле насочени кон одржлив транспорт, по што следуваат здравството со 20 % и обновливата енергија со 13 %. Како што велат оттаму, се очекува ова финансирање да мобилизира речиси 1,5 милијарди евра нови инвестиции, при што 58 % од поддршката директно придонесува за климатски акции и еколошка одржливост, во согласност со целта на ЕИБ да поддржи најмалку 1 трилион евра зелени инвестиции до 2030 година.
Потпретседателот на ЕИБ, Роберт де Грот, оцени дека е постигнат значителен напредок во процесот на пристапување кон ЕУ и интеграцијата на регионалните пазари во рамки на Планот за раст на ЕУ.
„Нашите инвестиции го поддржуваат овој напредок преку подобрување на транспортната поврзаност, зајакнување на енергетската безбедност, развој на вештини и градење отпорност на климатските промени. Во наредниот период сме подготвени дополнително да ја интензивираме поддршката, вклучително и за прекугранични проекти“, изјави Де Грот.
Во делот на инфраструктурата, ЕИБ обезбедила финансиски пакети за клучни железнички проекти, меѓу кои 90,5 милиони евра за линијата Драч–Рогожина во Албанија, 134 милиони евра за рутата Ниш–Димитровград во Србија и 175 милиони евра за делницата Бар–Голубовци во Црна Гора. Овие проекти, дел од проширената TEN-T мрежа, ќе бидат поддржани и со 207 милиони евра грантови од ЕУ.
ЕИБ потпишала и заем од 103 милиони евра за ветерната фарма Поклечани во Босна и Херцеговина. Проектот ќе обезбедува електрична енергија за околу 72.700 домаќинства и ќе ги намали емисиите на CO₂ за речиси 447.000 тони годишно.