Средбата меѓу Синдикатот на УПОЗ и премиерот Христијан Мицкоски, одржана денеска во Владата, заврши со приближување на ставовите околу колективниот договор и новата формула за пресметка на платите во јавната администрација.
Разговорите доаѓаат по понудата на премиерот за зголемување на платите, која УПОЗ ја оцени како прифатлива основа, со најави дека деталите дополнително ќе се разгледуваат во рамки на синдикалните структури.
Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, изјави дека Владата делумно ги прифатила барањата на синдикатот, при што како особено значајно го оцени прифаќањето на исплатата на додатоците на плата. Според договореното, платите ќе се зголемуваат во три годишни фази од по осум проценти, наместо бараните десет, а исплатата на првата рата е предвидена да започне од март.
Деаноски посочи дека пред реализацијата на договорот неопходна е согласност од сите органи и тела на УПОЗ, како и потпишување на колективните договори, додавајќи дека постои можност не сите синдикални организации во рамки на УПОЗ да дадат поддршка за ваквиот договор.