Лидерот на партијата, Венко Филипче, вели дека немирот кај работниците е оправдан и дека СДСМ е подготвен за дебата и поддршка на предлогот за намалување на платите за 80%
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ја поддржува иницијативата што вчера од Сојузот на синдикати на Македонија ја поднесоа до Собранието, а со која бараат намалување на функционерските плати за 80 отсто.
Лидерот на партијата, Венко Филипче, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека немирот кај работниците е оправдан и дека СДСМ е подготвен за дебата и поддршка на предлогот за намалување на платите за 80 отсто.
„Еве јас лично и целата пратеничка група, и тоа нека биде јасно дека е партиски став – поддржуваме намалување на функционерските плати. Треба да дебатираме на темата која им создава оправдан немир на работниците“,
изјави Филипче.
Изјавата на Филипче доаѓа откако вчера од ССМ до Собранието и до пратеничките групи доставија Иницијатива за намалување на функционерските плати за 80 отсто. Во неа се вели дека членот 11 од Законот за плата и другите надоместоци на функционерите се менува и се додава дека основицата за пресметување треба да е минималната плата, според податоците на Државниот завод за статистика. Исто така додаваат дека коефициентите за утврдување на надоместокот на плата на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица се намалуваат за 40 проценти.
Филипче денеска беше прашан и за став во однос на актуелните протести на дел од граѓаните поради засилените полициски контроли и одземањето возила. За ова Филипче рече дека е потребен дијалог и додаде дека во одговорот на ова прашање ќе се надоврзе на претходното велејќи дека не може категории граѓани да имаат немир или проблем.
„Улогата на Владата е да излезе во пресрет на сите. Значи прекршување на закон не смее да се толерира, но треба да се разговара со луѓето, да се види кои им се проблемите и да им се понуди решение за да може да функционираат понатаму“,
кажа Филипче.
Тој ги отфрли наводите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека опозицијата стои зад организацијата на овие протести. Рече дека за протестите дознал од медиумите и смета дека тоа не е начинот да се бара решение. Додаде дека СДСМ уште на почетокот кажале што сметаат дека е добро, а што лошо кај Законот за прекршоци.
Група граѓани во вторникот попладне го блокираа патот Битола – Ресен во знак на протест поради измените во Законот за прекршоци, а протест имаше и во кочанската населба Трајаново Трло.