Неодамна, сè повеќе инвеститори се свртуваат кон златото поради глобалните неизвесности, но има и аналитичари кои предупредуваат дека златото можеби не е толку солиден чувар на вредноста како што се смета.
Порастот на цената на златото, која достигна околу 5.500 долари во јануари пред да падне на крајот од минатата недела, а сега изнесува околу 4.900 долари за унца, е резултат на неколку меѓусебно поврзани фактори како што се геополитичките тензии, растечкиот национален долг и неизвесните перспективи за каматните стапки и инфлацијата.
Привлечноста на златото се базира на наративот дека тоа е безбедно засолниште кое штити од инфлација. Неговата вредност обично расте кога вредноста на доларот паѓа, лесно се продава и има опиплива физичка димензија. Минатата година, неговата вредност се зголеми за 64 проценти. Ова се важни елементи при одлучувањето за инвестирање во злато, особено кога се поставуваат сè повеќе прашања за иднината на доларот, но и на другите валути како што е јапонскиот јен. Покрај тоа, како што растат државните долгови, така растат и загриженоста за фискалната стабилност и инфлацијата.
Иако мнозинството аналитичари веруваат дека доларот тешко дека ќе го изгуби својот статус на светска резервна валута во догледна иднина, инвеститорите сè уште мислат дека диверзификацијата на средствата, односно намалувањето на изложеноста на доларот, би можела да биде добра идеја.
„Инвеститорите порано купуваа американски хартии од вредност, сметајќи ги практично за инвестиција без ризик. Но, некои земји сега станаа повнимателни во начинот на кој го распределуваат својот капитал. Отстапувањето од доларот помага цената на златото да расте“, пренесува „Еуроњуз“ зборовите на Сајмон Попл, извршен директор на британската инвестициска компанија „Бруквил Капитал“. Оваа компанија главно се фокусира на инвестиции во злато и сребро.
Сепак, Попл и други аналитичари исто така веруваат дека објаснувањето на порастот на цените на златото не е секогаш толку сложено прашање, бидејќи всушност, како и со секоја стока, порастот на цената почнува да буди интерес, што дополнително ја стимулира побарувачката и купувањето.
„Луѓето природно гравитираат кон работи што ги сметаат за биковски, а во последно време е очигледно дека ова се случува и со златото. Таквата ситуација нужно генерира интерес“, рече пазарниот аналитичар во фирмата за финансиски услуги IG Крис Бошамп.
Тој верува дека иако златото има предности како класа на средства, неговата способност да складира вредност е преценета, особено на краток рок.