Во септември 2012 општините должеа 85 милиони евра, а на крајот на 2025 тој долг се зголеми на 120 милиони евра. Некои општини ги зголемија долговите дури за три пати, како Кисела Вода
Во предизборната кампања за парламентарните избори 2024 година две ветувања, поврзани со финансиите, на тогашниот предводник на опозицијата, сегашен премиер Мицкоски, посебно беа интересни. Првото, дека линеарно ќе ги зголемат пензиите за шест илјади денари а второто дека секоја година ќе издвојуваат од буџетот на државата по 250 милиони евра за инфраструктурни проекти во општините.
Познавачите на финансиите си го поставуваа прашањето, од каде пари за вакво ветување. Мицкоски, цврсто убеден во себе, ја убедуваше јавноста дека за тоа има резерви во буџетот. Како најможна ја наведе ставката ,,трансфери’’ од која, според него, владата на СДСМ и ДУИ неконтролирано и ненаменски ги трошела парите од буџетот.
Не дека нема резерви во оваа ставка. Напротив, секој кој и малку работел со буџет ќе се согласи со сегашниов премиер дека со рационално и наменско трошење во оваа ставка има можност за подобро искористување на државните пари. Но податоците од извршување на буџетот покажуваат дека оваа ставка никогаш не била повисока отколку што е во 20025 година и најверојтно планираната за 2026 година, што директно влијае на лошата структура на буџетот.
Токму споредбата на капиталните расходи и трансферите покажува дека од година во година е на штета на вложувањата во капитални проекти. Тоа е особено воочливо во последните две години.Уште позагрижувачки е што расте ставката други трансфери, кои најчесто се нетранспарентни и не докрај со јасна намена.
Најмалку што се очекуваше дека парите, за двете ветувања, сегашнава влада ќе ги обезбеди преку кредит и тоа не од меѓународна финансиска институција туку директно влада со влада со Унгарија. Но, темата за унгарскиот кредит полека ја напушта диоптријата на набљудување и анализа. Како да се заборави за што беше земен и наменет. Таа тема отстапува место на последователните нови задолжувања кои го зголемуваат нивото на задолженост на државата.
Позајмувањето од половина милијарда евра беше поделен на два дела. Делот наменет за стопанството, кој требаше да биде 250 милиони евра, е завиен со наводни деловни тајни. Се повторува сликата со субвенциите за странските инвестиции а договорите се далеку од очите на јавноста. Тоа е неприфатливо, бидејќи не се работи за приватен капитал на банките, туку пари кои треба да ги враќаат граѓаните и кои се составен дел на буџетот.
Идентично, дури и позагадочно е и со 250-те милиони евра кои се наменети за општините. Овој дел е проблематичен од неколку аспекти.
Единствен критериум по кој се распределија средствата е бројот на жители на општината. Без притоа да се земе предвид кој со колку учествува во полнење на буџетот на државата, во зависност од бројот на жители и големината на стопанските субјекти. Не се зеде предвид ниту како одделен градоначалник си ги собира парите од даноци и такси на својата територија. А најстрашно е што не се зеде предвид кој градоначалник како ги троши општинските буџети и за која намена.
Се чини дека единствената причина зошто овој дел од кредитот распределен по општините беа во вид на јадица за локалните избори 2025 година. Како поинаку да се толкува фактот дека дел од градоначалниците кои покажуваат најлоши резултати во делот на управување со општинските пари добија и најмногу пари од државата, само поради тоа што имаат поголем број на жители. Градоначалниците на општините кои стануваат големи должници требаше да се прикажат како успешни пред минатогодишните локални избори. А дека биле неуспешни покажуваат податоците за долговите на општините во период од 2021 до 2025 година.
Долговите на општините перманентно растат од септември 2021 до крајот на 2025 година. Во септември 2012 општините должеа 85 милиони евра, а на крајот на 2025 година тој долг се зголеми на 120 милиони евра. Заедно со долгот од од јавните претпријатија долгот на општините е над 270 милиони евра. Ако на ова се додадат долговите на училиштата, градинките и другите институции под надлежност на општините тој долг надминува 300 милиони евра. Тогаш, неизбежен е заклучокот дека парите од унгарскиот кредит дадени за општините се составен дел на расипничкиот однос на голем дел од градоначалниците кон општинските буџети.
Петнаесетина општини покажуваат задолженост над сто милиони денари, или секоја од нив само од општинската сметка должи над милион и пол евра. Водечки се Тетово, Гостивар, Скопје чии вкупни долгови, изразени во евра, го надминуваат десетилионското салдо, односно секоја од нив се ближи кон милијарда денари долг на општинската сметка. Карактеристично е што дел од поголемите должници го задржале високот ниво на долг како 2021 година.
Но има општини кои драстично го зголемиле долгот во однос на 2021. Кавадарци со 425 милиони денари се движи кон најголемите должници. Битола на крајот на 2025 година должи над 225 милиони денари, од кои 110 милиони доспеани, а во 2021 година речиси немала доспеан долг и со сума од 250 милиони денари на општинската сметка беше финансиски меѓу најстабилните. Кисела Вода, од каде дојде градоначалникот на Скопје, за четири години го зголемила долгот за три пати, како и општина Велес. Аеродром долгот го зголемил за два пати.
Што ли ќе работеа градоначалниците во наредниот период ако не беа проектите кои треба да се финансираат од унгарскиот кредит. Милиони евра кои ќе треба да ги враќаме сите ние ќе го покриваат незнаењето и јавашлукот на голем дел градоначалници. Но граѓаните за време на изборите како малку да ги интересираа финансиите на општините, туку повеќе се интересираа за промените на уставот и темата предавници и патриоти, како и други пораки. И тие пораки се важни, но немаат врска со локалната самоуправа, бидејќи во во прв план требаше да биде кој градоначалник како ги троши парите на граѓаните и кој и колку нѐ задолжи нас и нашите деца.
Дел од парите од унгарскиот кредит се земени со намена да се покријат слабостите и ненеменските трошења на градоначалниците од владејачките партии. Но според последните информации изнесени во јавноста бројките се поразителни: од одобрените проекти на општините за нешто над 300 милиони евра досега се реализирани 2 милијарди и 645 милиони денари, или нешто над 40 милиони евра.
Од ова може да се изведе заклучок дека 250 милиони евра од унгарскиот кредит не се користат и нема да се искористат за проекти по општините, како што беше речено, туку најверојатно отидоа за друга намена а може и за „други трансфери“.
Парите за потпишаните договори за проекти по општините, кои требаше да се финансираат од унгарскиот кредит, ќе треба да се обезбедат од други извори. А досегашната пракса покажа дека нема да се намалат трансферите. Тогаш не останува ништо друго туку да се обезбедат со некое ново задолжување на државата.
Сосема логично е секој да си го постави прашањето: зошто јас да го плаќам ненаменското и непланско и би рекле расипничко трошење на одреден број градоначалници, кои ги избрал некој друг во некоја друга општина. А дека е така доволно е да се погледнат извештаите на Државниот завод за ревизија од извршените ревизии на неколку општини во 2025 година каде се констатиран бројни недостатоци. Не сум убеден дека градоначалниците тоа го прават само од незнаење и заради тоа им треба помош во вид на ресурсен центар.
Се призна целосен крах на еден проект кој требаше да ги развие општините и да го раздвижи македонското градежништво. Јадицата која владата ја фрли за локалните избори стана јамка за граѓаните, И да не нѐ чуди зошто нема пари за хидроцентрала на Чебрен и Галиште. Кој ќе имаше против парите од унгарскиот кредит да се искористат за оваа цел наместо да се распашуваат градоначалници недозреани за функциите кои ги извршуваат. А тоа го потврди и премиерот, кој најави дека годинава ќе нема повик за проекти на општините.
(Слободан Најдовски е економски аналитичар)
Извор: Независен.мк