Најскапиот стан во четвртиот квартал од минатата година е продаден во скопската општина Центар по цена од 182.404 денари или близу 3.000 евра. За 83 метри квадратни купувачот платил  вкупно 246.171 евра.

Според Регистарот на цени и закупнини, просечната цена на метар квадратен станбена површина во скопски Центар изнесува 110.224 денари, а најниската просечна цена е постигната во Струмица – 46.286 денари.

Најголем број продадени станови се евидентирани во општина Аеродром. Во последните три месеци од 2025 година таму се продадени 304 стана, додека, пак, најголем број продадени куќи (91) има на територијата на општина Битола.

Во Регистарот на цени и закупнини, во периодот од октомври до декември 2025 година, на целата територија на државава регистрирани се 1.004 новоизградени станови, односно станови од инвеститор, што е за 159 станови повеќе од третиот квартал во 2025 година.

Исто така, во Агенцијата за катастар на недвижности досега се запишани 27.522 листови за предбележување градба што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности.

Се зголемил и бројот на закупи. Во периодот од октомври до декември регистрирани се 3.053 закупи што е 869 повеќе од претходниот квартал. Најголем број, 1.369, припаѓаат на станови по што следуваат 911 закупи на деловни простори,  399 закупи на куќи, 257 закупи на земјоделско земјиште и шуми …

Според пресметките на Народната банка, во четвртиот квартал од минатата година недвижностите поскапеле за 25 проценти на годишно ниво. Во текот на целата 2025 година растот на цените надмина 20 отсто.

Стапките на раст во втората половина од ланската година се највисоки во последните 25 години.