Откако на почетокот на годината државата се задолжи со еврообврзница во висина од една милијарда евра, сега одново се разгледува можно задолжување од 300 милиони евра на странските пазари. Владата на седница изминатава недела го задолжила МФ да ја стартува постапката.

„Задолжувањето на меѓународниот пазар е планирано со Буџетот за 2026 година, како и со Ревидираната фискална стратегија 2026-2030 година и Ревидираната стратегија за управување со јавен долг 2026-2028 (со изгледи до 2030)“, ни одговорија од Владата.

Вкупниот јавен долг на крајот на 2025 година надимина 10 милијарди евра, или 59,6 проценти од бруто домашниот производ. Тоа е за нијанса под психолошката граница од 60 отсто, за која економистите сметаат дека не е пожелно да се надминува, иако досега во пракса повеќе пати се случило краткорочно да се пробие оваа граница.

70 отсто од парите од последното задолжување што државата го направи пред еден месец, кога ја реализираше аукцијата на 10-тата еврообврзница во вкупна вредност од една милијарда евра, се наменети за раздолжување на долгови кои доспеваат во наредниот период, додека со остатокот главно ќе се пополнува буџетскиот дефицит.

Според економистите, задолжувањето за раздолжување технички е оправдано затоа што старите долгови мора да бидат исплатени, меѓутоа структурно новите долгови не генерираат дополнителен раст затоа што не ја поттикнуваат ниту инвестициската компонента, ниту продуктивноста.

Спорно е што многу пати досега каматата за задолжувањето била повисока од стапката на економски раст што на среден рок претставува проблем за потенцијалот на економијата и на земјата да ги исплаќа овие долгови.

Дополнителен проблем што претставува ризик за управувањето со јавниот долг се т.н. невидливи долгови. Станува збор за преземени, но сè уште нефактурирани обврски на институциите кои се под државна капа.

„Доспеаните обврски не се дел од јавниот долг и истите изнесуваат околу четири проценти од бруто домашниот производ. Тоа значи дека ако овие долгови се вкалкулираат тоа може да го зголеми и јавниот долг за четири до пет процентни поени во однос на моменталното ниво“, вели Благица Петрески, економистка и извршна директорка на „Finance Think“.

Оттука, покрај структурни реформи на целиот јавен корпус, експертите посочуваат дека за да запре растот на јавниот долг е потребен економски раст од најмалку 3,1 отсто.