Министерството за земјоделство за 2026 година воведува заострени услови за субвенционирање со цел парите да отидат кај вистинските комерцијални земјоделци. Програмата предвидува повисок долен праг: за субвенции во сточарство ќе бидат потребни најмалку три крави, во козарството минимум 30 грла, а за пчелни семејства – 30 колонии. Лозарите ќе можат да конкурираат само со површина од најмалку 0,5 хектари, а за полјоделските и градинарските култури исто така се зголемува минималната површина.

Новите правила бараат и најмалку 30 отсто од произведеното да се предаде на откупен центар или кај преработувачи, за да се добие субвенција. За пченица, пак, се бара користење на сертифициран семенски материјал.

„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, потенцира министерот Цветан Трипуновски, презентирајќи ја годинешната програма за субвенционирање.

Според него, целта е да се намалат злоупотребите, кои досега биле чест пример, како субвенции врз основа на маркици за уши без вистинско производство. Од 2007 година до 2025 година, за субвенции се исплатени над 1,7 милијарди евра, а во моментов има околу 65.000 корисници. Со новите правила и засилените теренски контроли се очекува намалување на бројот на корисници, но со зголемена ефикасност на трошоците.

Трипуновски нагласи дека субвенциите не се намалени во однос на претходната година и дека контролата ќе биде клучна: прво се прават проверки, а потоа следуваат исплатите, со можност за забрана за користење субвенции до три години за оние кои ќе се обидат да злоупотребат средства.

Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.