Раководителите на најголемите британски банки го одржаа првиот состанок за воспоставување локален систем за плаќање, познат како „DeliveryCo“, за да се намали зависноста од американските платни мрежи Visa и Mastercard, објави Гардијан.
Причината е загриженоста дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да ги затвори услугите на овие компании, што би ја загрозило британската економија, според официјалните лица.
Средбата ја водеше извршниот директор на „Barclays UK“ Вим Мар, а во дискусијата учествуваа претставници на големи банки и платни компании, вклучувајќи ги „Santander UK“, „NatWest“, „Lloyds Banking Group“, „Nationwide, Coventry Building Society“ и мрежата на банкомати „LinkLink“.
Околу 95 проценти од трансакциите со картички во Велика Британија моментално се одвиваат преку Visa и MasterCard, што стана критично бидејќи употребата на готовина се намалува, според медиумот.
Аналитичарите предупредуваат дека затворањето на американските мрежи би можело да ја врати економијата со децении назад, слично на искуството во Русија кога санкциите го принудија затворањето на овие системи. Новата иницијатива вклучува создавање правна структура, модел на управување и финансирање, како и развој на инфраструктурата, со план, системот да биде готов до 2030 година.
Британските претставници истакнуваат дека системот ќе обезбеди дополнителна отпорност на платниот систем, додека Visa и Mastercard ја поздравуваат конкуренцијата и истакнуваат дека остануваат посветени на иновациите, безбедноста и сигурноста на платните услуги во Велика Британија, пренесува Танјуг.
Заменик-гувернерката на Банката на Англија, Сара Бриден, нагласи дека алтернативата би можела да функционира како резервна шина за плаќање во случај на прекин на постојните системи, со што ќе се зголеми отпорноста на британската економија на надворешни ризици. Според планот, „DeliveryCo“ ќе им овозможи на британските потрошувачи и бизниси да имаат суверен и локален систем за плаќање, намалувајќи ја зависноста од американските мрежи во клучните економски моменти.