Според ФАО, околу 20% од глобалната трговија со риба и морски плодови може да вклучува некаков вид измама
Околу секој петти производ од риба и морски плодови што се продава во светот може да биде на некој начин лажно означен или претставен, покажуваат податоците на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Според извештајот, ризикот е уште поголем кога станува збор за консумирање во ресторани.
Во објавата на ФАО се наведува дека нема официјална глобална проценка за точниот обем на измамите во секторот вреден околу 195 милијарди долари, но емпириските студии укажуваат дека околу 20 проценти од трговијата може да биде поврзана со некаков вид измама. Кај јадење надвор од домот, ризикот може да надмине и 30 проценти.
Извештајот посочува дека измамите се особено распространети во угостителските објекти и кај преработени производи, каде што видот на користената риба може лесно да се прикрие.
Меѓу најчестите практики се лажно означување на видот на рибата, додавање боја за да изгледа посвежо месото од туна, како и производство на имитации од состојки на база на скроб кои се продаваат како шкампи или ракчиња. Во некои случаи, евтини слатководни видови како тилапија се нудат како поскапи морски видови.
ФАО наведува дека економските поттикнувања се главен двигател на овие практики. Како пример се посочува продажбата на атлантски лосос како пацифички, што може да донесе значителна финансиска добивка по килограм.
Иако извештајот се фокусира на економските и регулаторните последици, лажното означување може да има и здравствени импликации. Потрошувачите може да бидат изложени на алергени, различни нивоа на жива или други контаминанти без да бидат свесни за вистинскиот вид риба што го консумираат.
ФАО предупредува дека разновидноста на повеќе од 12.000 видови морски плодови во глобалната трговија и недостатокот на стандардизирани дефиниции за измама го отежнуваат следењето и контролата.
Организацијата повикува на подобра контрола, транспарентност и јасно означување на производите за да се заштитат потрошувачите и легалните производители.