Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска на собраниска седница оцени дека минималната плата во земјата е повеќе дневнополитичка тема отколку реално економско барање. Тој ги изнесе податоците за бројот на вработени и ги образложи економските параметри кои ја дефинираат платата.

На прашањето на пратеникот од Левицата, Амар Мециновиќ, Дурмиши посочи дека во земјата има околу 700.000 вработени, од кои 100.000 во јавниот сектор и 600.000 во приватниот сектор. Од нив, само околу 30.000 примаат минимална плата, а голем дел од нив се индивидуални трговци кои не зависат од фиксната минимална плата, туку од приходите на своите фирми.

„Сите други имаат поголема плата од минималната и ние сме задолжени да се грижиме за овие три до четири проценти што ја примаат минималната плата“, рече министерот.

Дурмиши нагласи дека Владата не е против зголемување на платите и дека тоа се прави постојано преку покачување во јавниот сектор – здравство, образование, Министерство за одбрана, како и преку пензии. Тој истакна дека платите се зголемуваат во согласност со економските параметри и продуктивноста, и дека владата поддржува над 3.000 стартапи, од кои 85 отсто се млади од земјата.

Во однос на вредноста на минималната плата, министерот посочи дека земјата е пред повеќе држави од регионот според куповната моќ, но дека целта е да се достигнат европските земји како Белгија, Германија и Хрватска. Дурмиши предупреди дека одлуки за минимална плата „ад кох“ без економски основи можат да ја намалат куповната моќ и да ја зголемат инфлацијата.

Тој додаде дека сите работници кои не биле унапредени со години сега добиваат унапредување согласно законите и правилата. Министерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува синдикатите и работодавачите во преговорите за платите, со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните.