Собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање ја изгласа потребата од донесување измени на Законот за постапување со бесправно изградените објекти по скратена постапка и го проследи предлогот во понатамошна собраниска процедура.
Како што информираше претседателот на Комисијата, пратеникот Беким Ќоку, измените се иницирани од владината коалиција на барање на Општина Битола и на Управниот одбор на Заедница на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС.
Со предложените измени се предвидува продолжување на рокот за завршување на започнатите постапки за легализација на бесправно изградени објекти. Наместо законот да престане да важи во март 2026 година, рокот би се продолжил за дополнителни пет години, односно до 3 март 2031 година. Продолжувањето се однесува исклучиво на веќе поднесени барања, а не и на нови.
Предлог-законот е поднесен од група пратеници и е ставен на дневен ред на денешната пленарна седница закажана за напладне.