Се забележува зголемен интерес кај тутунарите за новата реколта откако заврши откупот на минатогодишниот тутун со речиси целосна реализација и со просечна цена од 419 денари за килограм. Вкупно се откупени 26.072 тони, што претставува 99 отсто од реколтата за 2025 година, што, според Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија, ја прави реколтата успешна.
– Ова ни дава право да сметаме дека 2025 година беше успешна, особено што сега има зголемен интерес за нови договори – изјави Ристески, додавајќи дека се очекува реколта од 28.000 до 29.000 тони за оваа година.
Тутунарите, според него, се задоволни од цените и благодарение на државните субвенции, кои достигнуваат до 100 денари за килограм преку комбинација на субвенциите за килограм, за површина и за зелена нафта, нивниот приход е дополнително зголемен.
Во меѓувреме, Сојузот ги заврши преговорите со откупувачите за новата реколта. Предложени се цени од 510 денари за прва, 460 денари за втора и 400 денари за трета класа тутун. Откупувачите имаат рок до 20 февруари да се изјаснат, а доколку не го сторат тоа, се планира да се откупува реколтата исклучиво како прва класа. Склучувањето на новите договори ќе започне на 1 март.