Според известување од американската царинска агенција, „дополнителна адвалорна давачка од 10% на увезени производи од секоја земја“ е воведена за период од 150 дена, почнувајќи од вторник.

Новите глобални царини на Доналд Трамп стапија на сила со стапка од 10%, иако тој преку викендот се закануваше со повисока стапка од 15%, што според една лоби-група носи „одредено олеснување“ за британските компании, пренесува Гардијан.

Откако американскиот претседател претрпе пораз пред Врховниот суд, кој ги поништи неговите сеопфатни царини за т.н. „ден на ослободување“ воведени лани, тој реагираше со лутина и најави глобална царина од 10%, која во саботата ја крена на 15% во објава на својата социјална платформа Трут Сошл.

Според известување од американската царинска агенција, „дополнителна адвалорна давачка од 10% на увезени производи од секоја земја“ е воведена за период од 150 дена, почнувајќи од вторникот, освен ако за одредени категории не е предвидено конкретно изземање.

Администрацијата на Трамп ги применува новите давачки согласно член 122 од Законот за трговија од 1974 година, без одобрување од Конгресот. Стапката од 10% ќе се применува дополнително, врз веќе постојните давачки според режимот „најповластена нација“ (MFN) во САД. Зголемувањето на 15% што Трамп го најави во саботата сè уште не е имплементирано, но може да биде воведено во секое време.

„Иако новата царинска стапка од 10%, наместо најавените 15%, ќе донесе одредено олеснување, тоа покажува колку е тешко за компаниите да планираат однапред“, изјави Вилијам Беин, шеф за трговска политика во Британските стопански комори.

„Далеку од јасно е што ќе се случи понатаму и дали повисока царинска стапка сè уште е на пат. И покрај моменталното олеснување, се појавува нова неизвесност за британските компании кои извезуваат стоки во САД.“

„Ова им го отежнува на фирмите да разберат какви цени и маржи ќе можат да обезбедат за своите производи, кои во моментов се во производство, за извоз за неколку месеци. Неизбежно тоа ќе влијае врз нивната продажба и ќе ја погоди економијата.“

Минатата недела, највисокиот суд во САД оцени дека многу од царините на Трамп се незаконски. Судот пресуди дека закон од 1977 година, наменет за справување со национални вонредни состојби, не обезбедува правна основа за поголемиот дел од царините на администрацијата на Трамп кон земји ширум светот.