Минималецот од 600 евра не помина на комисии. Ниту на економската, ниту на законодавно-правната. Падна и иницијативата за трипартитен дијалог, синдикатите, работодавачите и Влада да седнат на јавна расправа пред пратениците.
Опозицијата тврди дека инфлацијата ја јаде куповната моќ и дека платата мора да порасне веднаш. Пратениците од власта без дискусија, освен Миле Цеков од ЗНАМ, кој рече дека ќе го поддржи законот. Фатмир Битиќи предупреди, за покривање на синдикалната кошничка на едно четиричлено семејство му требаат речиси три минимални плати.
Дебатата ја одбележа и вербална препирка. Додека Јован Митрески од СДСМ зборуваше дека едно семејство на крајот од месецот ќе остане покусо за 400 денари дури и кога би јадело само ѓеврек и јогурт, пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Петар Ристески-Пеката од место, со потсмев му дофрлуваше да спомене и бурек и маслинки. Опозицијата побара консензус и пресмета дека за 600 евра минималец ќе бидат потребни околу 7,5 милијарди денари од Буџетот.
Според формулата, во март минималната плата ќе порасне за околу 1.500 денари. Но од ССМ велат, тоа покачување е веќе изедено од поскапувањата. И додека минималецот не доби зелено светло, функционерите ќе останат со помали плати. ВМРО-ДПМНЕ поднесе измени со кои платите на избраните и именуваните лица ќе се намалат за 10 до 13 илјади денари, а заштедените средства ќе одат во здравство, образование и социјала.
Од Сојузот на синдикатите најавуваат дека 600 евра останува нивно клучно барање. На Владата и работодавачите им дадоа рок до крајот на месецот. Во спротивно, нови протести и можен генерален штрајк. Конечниот збор за предлогот што не помина на комисии, пратениците ќе го имаат на пленарна седница.