За градоначалниците се предлага нова скала на коефициенти зависно од бројот на жители во општините.

Група пратеници во Собранието поднесе предлог-измени на шест закони со кои се регулира прашањето на платите на избраните и на именуваните лица во државата. Бојан Стојановски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, очекува овие предлог-закони, поднесени по скратена постапка, да бидат усвоени во најбрз можен рок.

– Основната цел на овие измени е воспоставување поправична распределба на буџетските средства, при што платите на функционерите се усогласуваат со реалните економски услови во државата. Со предложените решенија се врши интервенција во висината на коефициентите со што се обезбедува рационално користење на средствата од Буџетот на Република Македонија – рече Стојановски.

Според него, предложеното законско решение е целосно во согласност со Уставот.

Со предложеното намалување на коефициентите, ќе се опфатат платите на јавните функционери – вклучително пратеници, министри, судии, јавни обвинители и членови на судскиот и јавно-обвинителскиот совет. Со овие измени платите ќе се нивелираат, што практично значи дека ќе се намалат во износ од 10.000 до 13.000 денари, а кај одредени позиции ова намалување е дури и поголемо.

– За пратениците и функционерите во извршната власт, ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар. За судиите и за јавните обвинители, предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да соодветствуваат со реалните економски можности на државата. За градоначалниците предлагаме нова скала на коефициенти зависно од бројот на жители во општините – објасни Стојановски.

Пакетот закони ги опфаќа Законот за пратениците, Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, Законот за платите на јавните обвинители, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Законот за платите на судиите, Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Македонија.

– Средствата што ќе бидат заштедени со ова намалување, кое започнува веќе со исплатата на февруарската плата, ќе останат во буџетот и ќе можат да се пренаменат за проекти кои се од директна корист за граѓаните, за подобро здравство, подобро образование и социјална помош. Повикуваме на широка поддршка во Собранието. Ова не е прашање на партиска припадност, туку прашање на морал и етичка одговорност пред граѓаните кои нè избрале – рече тој.