Сите македонски граѓани од март ќе почнат да враќаат околу 50 милиони евра од државниот буџет — пари кои големи компании од земјава во 2023 година ги уплатиле за тогаш важечкиот данок за солидарност.
Оваа давачка, замислена како начин на кој бизнис-секторот ќе им помогне на државата и на општеството во време на економска криза, ја воведе минатата влада, но Уставниот суд подоцна го поништи популарно наречениот „солидарен данок“.
Од Министерството за финансии велат дека процесот за враќање на парите на компаниите е веќе започнат, со носењето Правилник за формата и содржината на образецот на барањето за враќање на повеќе или погрешно наплатен данок, кој е објавен во Службен весник. Фирмите треба да достават барање до УЈП, велат од Финансии.
Со Законот за данок на солидарност беа опфатени компании кои во текот на 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615 милиони денари (10 милиони евра). Следната година таквите компании, на број 156, уплатиле вкупно околу 50 милиони евра од страна на 156 компании. По поништување на Законот од страна на Уставниот суд, државата имаше обврска да ги врати средствата коишто беа уплатени во Буџетот по основ на Законот. 50-те милиони евра од државната каса ќе им бидат исплатени на фирмите на две рати, во март оваа и идната година.