Со оглед на неспојливоста на обвинителската функција, платата е единствен приход на јавните обвинители, а таа, како што велат од Здружението, е апсолутно најниска во регионот. Дополнително, посочуваат дека според Законот за платите на јавните обвинители, платата на обвинителот не може да биде намaлена со закон или одлука на државен орган, освен при утврдена дисциплинска одговорност

Здружението на јавни обвинители бара Собранието од денешната седница да ги повлече законските измени за платите на обвинителите, со кои се предложува изменување на коефициентите на начин што ќе се спречи натамошниот, како што се наведува во предлог-законот, непропорционален раст на нивните плати.

Барањето за детално преиспитување на законските измени, Здружението на обвинители најпрво го темели на Законот за платите на јавните обвинители, според кој, платата на обвинителот не може да биде намaлена со закон или одлука на државен орган, освен при утврдена дисциплинска одговорност.

„Јавните обвинители извршуваат сложена и одговорна работа и го носат товарот на кривичниот прогон и тоа без соодветни материјални услови и доволна стручна поддршка. Законски предвидените додатоци за сложеност на трудот со години наназад не им се исплаќаат поради недостаток на средства во Буџетот“,

велат од Здружението на јавни обвинители.

Велат дека се свесни за сложената економска ситуација во државата и потребата од штедење, но посочуваат дека со оглед на неспојливоста на обвинителската функција, платата е единствен приход на јавните обвинители, а таа, како што велат, е апсолутно најниска во регионот и се движи од минимални 90 000 до максимални 130 000 денари.

Од Здружението информираат дека Уставниот суд во декември лани покренал постапка за оценување на уставноста на последните измени на Законот за платите на јавните обвинители, со кои веќе се интервенираше со намалување на коефициентите и ограничување на порастот на платите.

„Иако конечната одлука на Уставен се уште не е донесена, имаме обврска да укажеме на штетните правни последици доколку со ново законско решение дополнително се продлабочат оспорените недоследности. Оценката на уставноста на претходните законски измени се проверка на уставната усогласеност и на измените кои сега се предлагаат, бидејќи повторно при иста методологија на пресметка на плати, се намалуваат коефициентите со што всушност се влијае за намалување на платите“,

велат од Здружението, оценувајќи дека тоа е противуставно и незаконско решение со кое се загрозува независноста на јавните обвинители преку економски притисок.

Со измените на Законот за плати на јавните обвинители се предложува изменување на коефициентите за пресметка на плата на начин што ќе обезбеди правична и одржлива законска регулатива при исплата на платите и ќе се спречи натамошниот непропорционален раст на платите на јавните обвинители.