Автопатот Кичево -Охрид нема да биде готов ниту годинава.Проектот кој влезе во својата втора деценија добива нов рок и нова повисока цена.Собранието го аминуваше осмиот по ред анекс на договорот меѓу ЈП за државни патишта и кинеската компанија „Синохидро“, со што делницата ќе поскапи за 186 милиони евра и добива нов рок за финиш до 31 мај 2027 година.Причината за новото поскапување се веќе познатите проблеми, нови свлечишта, потреба од 14 галерии и заштитни мрежи. Иако надзорот вели дека новиот рок е технички оправдан, условите се јасни изведувачот мора да биде организиран, а државата да плаќа навреме.
„Со потпишувањето на овој анекс бр.8, инвеститорот и изведувачот се согласни дека изведувачот има право на продолжување на рокот за завршување за дополнителни 151 ден. Рокот за завршување на работите се менува од 4.627 во 4.778 дена во дел А-договорни податоци. Според тоа, ревидираниот краен рок е 31.05.2027 година“, пишува во документот.
Според податоците на ЈПДП досега се реализирани речиси 560 милиони евра за оваа делница или до крајот на минатата година 93,3 проценти од предвиденото. Во моментов велат од таму изградбата е во напредна фаза.
„Се работи на санација на новопојавените свлечишта како и на подготовка на заштитни мерки на косините и тоа со пошумување, поставување на геокомпозитна мрежа, прскање со бетон. Потоа, на одредени косини се изведува решение со таканаречени галерии“, велат од Јавното претпријатие.
По 11 години изградба на 13 јули лани беа пуштени првите 20 километри, на потегот од Врбјани до Ботун, а на 7 септември уште една делница, Климештани-Охрид, во должина од 17 километри. Според последните податоци досега се завршени околу 40-тина километри од вкупно 57..Од градежен проект автопатот Кичево Охрид станува историски феномен бидејќи се гради подолго од тоа што им било потребно на старите цивилизации да ги изградат седумте светски чуда со голи раце. За потсетување проектот стартуваше во мај 2014 година а требаше да биде завршен во 2018 година. Првично беше најавен со буџет од околу 375 милиони евра финансиран со кредит од кинеската Ексим банка но 12 години подоцна со најновиот анекс осми по ред достигнува цена од речиси 600 милиони евра или државата ја чини 220 милиони евра повеќе од првично договореното…Низ годините проектот беше проследен со бројни контроверзии.Најголемиот апсурд беше несовпаѓањето на проектната документација со реалната состојба на теренот. За автопатот беше отворен и случајот “Траекторија ” поради обвинение дека се барале провизии и дека свесно била избрана поскапа понуда иако имало поевтини алтернативи,но на крај истиот потона во правните лавиринти и застаре по измените на Кривичниот законик, а граѓаните се уште не дочекаа да возат по целосно нов автопат.