Во период кога тензиите меѓу САД и Иран повторно се зголемуваат, се појавија информации дека администрацијата на Доналд Трамп размислувала за голем цивилен нуклеарен договор со Иран. Станува збор за можен план вреден помеѓу 20 и 30 милијарди долари, кој би овозможил изградба на цивилни нуклеарни капацитети во Иран – за енергетски, а не воени цели.
Наводно, се размислувало дел од средствата да дојдат од САД, а дел да бидат обезбедени од сојузниците на Америка од Заливот. Освен тоа, планот предвидувал и да се деблокираат околу 6 милијарди долари од иранските девизни резерви, кои се замрзнати поради санкции.
Оваа идеја, според извори блиски до преговорите, била дел од поширок дипломатски обид да се стабилизира Блискиот Исток и да се намали опасноста од вооружен конфликт. Во исто време, во позадина се воделе и индиректни преговори меѓу САД и Иран, со посредство на американскиот специјален претставник Стив Витков.
Но веднаш по појавувањето на веста, Доналд Трамп јавно ја отфрли информацијата. Во изјава на својата платформа Truth Social, тој рече дека никогаш не слушнал за такво нешто, нарекувајќи ја приказната измислица и целосна лага. Според него, идејата дека би се вложувале американски пари во ирански нуклеарни постројки е апсурдна.
Веста доаѓа во момент кога односите меѓу Вашингтон и Техеран се повторно во фаза на напнатост, особено по последните воздушни напади и активностите на Израел во регионот. Идејата за цивилен нуклеарен договор се претставува како потенцијален инструмент за смирување на состојбата, но засега останува неизвесна и со голема политичка тежина.