Американската инвестициска фирма Карлајл истражува опции за купување на средствата на рускиот нафтен гигант Лукоил надвор од Русија, објави Ројтерс, повикувајќи се на три неименувани извори.
Карлајл е во почетна фаза на истражување на опциите за купување, рече еден од изворите.
Инвестициската фирма размислува да аплицира за американска лиценца што ќе ѝ овозможи да ги купи средствата на Лукоил, а потоа да започне детална длабинска анализа, рече изворот, додавајќи дека компанијата сè уште може да се повлече.
Според вториот извор на Ројтерс Карлајл го информирал Лукоил за своите намери.
Ниту една од компаниите не ги коментираше наводите. САД воведоа санкции врз Лукоил за да го принудат Кремљ да преговара за прекин на огнот во Украина и го блокираа обидот на Лукоил да ги продаде своите средства на мултинационалната компанија Гунвор пред санкциите да стапат во сила на 21 ноември.
Лукоил, кој произведува околу 2 проценти од светската нафта во Русија и низ целиот свет, претходно изјави дека бара купувачи за своите средства надвор од Русија.
Според извештаите од 2024 година, капацитетите на Лукоил надвор од Русија произведуваат повеќе од 0,5 проценти од светската нафта и се проценува дека вредат околу 22 милијарди долари (19 милијарди евра).
Лукоил е најактивниот руски нафтен гигант во странство со децении, помагајќи ѝ на Москва да ја проектира својата мека економска моќ во странство.
Лукоил поседува три рафинерии во Европа, удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак и Мексико, Гана, Египет и Нигерија, како и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во Соединетите Американски Држави.
Санкциите на САД веќе ги нарушија операциите на Лукоил во Ирак, Финска и Бугарија.
Карлајл, една од најголемите компании за инвестиции, управување со алтернативни средства и финансиски услуги во светот, управува со средства вредни 474 милијарди долари (407 милијарди евра).