Американските инвестициски фондови „Аргентем Крик Партнерс“ и „Иноватус Капитал Партнерс“ ја презедоа контролата врз еден од најголемите житни терминали во Украина – „Олимпекс“ во Одеса, пренесува „Фајненшл тајмс“.

По повеќегодишна правна битка и со поддршка од администрацијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, терминалот официјално премина во сопственост на американските фондови со одлука на Врховниот суд на Украина од 9 јули.

Терминалот има капацитет од околу пет милиони тони жито годишно, што го прави клучен објект за украинскиот земјоделски извоз. Американските инвеститори најавуваат дека тој ќе биде повторно целосно оперативен најдоцна до септември.

Оперативното управување ќе му биде доверено на шведскиот инвеститор Карл Стурен, додека од „Аргентем Крик Партнерс“ уверуваат дека повторното активирање на терминалот ќе придонесе за стабилност на украинскиот извоз.

Спорот започнал кога украинските сопственици, поврзани со групацијата „ГНТ“, не успеале да вратат заем од 95 милиони долари добиен од американските фондови. Според наодите од истрагата, информациите за залихите од жито, кои служеле како гаранција за заемот, биле фалсификувани.

Во мај годинава, еден од поранешните сопственици, Владимир Науменко, беше уапсен под обвинение за измама, а неговиот деловен партнер Сергеј Гроза тврди дека случајот е политички мотивиран, објави „Комерсант“.

Преземањето на „Олимпекс“ од страна на американски фондови се смета за еден од најзначајните трансфери на украинска инфраструктура во странска сопственост од почетокот на војната.