Буџетот за 2024 година се соочува со сериозни слабости во планирањето, прераспределбата и реализацијата на средствата. Дефицитот изнесува 4,4 % од БДП, понизок од 2023, но над законски проектираниот од 3,4 %. Приходите достигнуваат 294 милијарди денари, со пораст од 13 %, пред сè, поради подобрена наплата на даноци. Даночните приходи се главен извор, со ДДВ од 46,7 %, личен доход 18,3 % и данок на добивка 11,6 %, нотирале државните ревизори по разгледувањето на буџетот на државата за 2024 година.
Ревизорите посочуваат дека буџетот е зголемен со ребаланс, но капиталните расходи паднале за 27 %, додека тековните трансфери и субвенции пораснале.
– Не се почитувале препораките за задржување на капиталните средства за инвестиции. Во доставувањето на буџетски барања постојат недостатоци: 16 % од корисниците не обезбедиле стратешки планови. Разликите меѓу максимално барани и одобрени средства укажуваат на ризик дека буџетот не ја отсликува реалната потреба. Недоволно се финансираат Судската власт, Јавното обвинителство и регионалниот развој. Капиталните расходи значително се намалени, а најголем дел од средствата се за инфраструктурни проекти – констатирале ревизорите.
Во 2024 година задолжувањето се зголемувало и државниот долг достигнал 53,8 %, а јавниот долг 62,4 % од БДП.
– Реализацијата на проекти преку заеми и грантови е слаба – само 37 % од средствата се повлечени. Општините покажуваат висока задолженост, со 10 блокирани сметки и значителни неизвршени обврски. Имплементацијата на ИФМИС е забавена, што го отежнува интегрираното управување со јавните финансии. Стратешките цели на реформата 2022 – 2025 се подобрување на планирањето, контрола, транспарентност и ефикасност на јавните финансии – се вели во ревизорскиот извештај.
Структурата на изворите на средства за Фондот за ПИОСМ во 2024 година не покажува подобрување во однос на 2023 и 2022 година. За покривање на дефицитот од Основниот буџет се исплатени 23.119.600 илјади денари, што претставува 26 % од вкупните средства на Фондот. Вкупните расходи за пензии се зголемени за 16,27 % поради усогласување на пензиите од 5,3 % во март, линеарно зголемување од 2.500 денари во септември и прилив на нови корисници.