„Банка на Америка“ (Bank of America) се согласи да плати 72,5 милиони долари за спогодба во граѓанската тужба поднесена од жени кои ја обвинија банката дека овозможила сексуално злоставување од страна на Џефри Епстин, покажуваат судските документи објавени вчера.
Адвокатите на банката и на жените овој месец го известија американскиот окружен судија Џед Ракоф од Менхетен дека постигнале „начелен договор за спогодба“, но тогаш условите на договорот не беа објавени, пишува агенцијата „Ројтерс“.
„Иако остануваме на претходните изјави дадени во поднесоците во оваа постапка, вклучувајќи го и тврдењето дека ’Банка на Америка‘ не овозможувала кривични дела поврзани со сексуална трговија со луѓе, ова решение ни овозможува да го оставиме ова прашање зад нас и им обезбедува конечна завршница на ова поглавје за тужителките“, рече портпаролот на „Банка на Америка“ во соопштението.
Во заедничкиот поднесок до судот, Дејвид Боис и Бредли Едвардс, адвокатите на тужителките, наведоа дека спогодбата претставува најдобра опција за нивните клиентки, „со оглед на тоа што многу членки на групата претрпеле штета пред многу години и дека сега им е потребна финансиска помош“.
Адвокатите на тужителките би можеле да побараат до 30 отсто од износот на спогодбата, односно околу 21,8 милиони долари на име адвокатски трошоци, според судските документи. Спогодбата чека одобрение од судијата Ракоф, кој закажа рочиште за четврток за да го разгледа договорот.
Предложената колективна тужба, поднесена во октомври од страна на жена која го користи псевдонимот Џејн Доу, ја обвинува втората по големина американска банка дека ги игнорирала сомнителните финансиски трансакции поврзани со Епстин, и покрај „изобилството“ информации за неговите злосторства, бидејќи профитот ѝ бил поважен од заштитата на жртвите.
„Банка на Америка“ соопшти дека Џејн Доу само тврдела дека банката им давала рутински услуги на луѓе кои во тоа време немале познати врски со Епстин и дека секоја сугестија за подлабока вмешаност е „неоснована“.
Ракоф во јануари пресуди дека „Банка на Америка“ мора да се соочи со тврдењата на Џејн Доу дека свесно профитирала од сексуалната трговија со луѓе на Епстин и дека го попречувала спроведувањето на федералниот Закон за заштита на жртвите од трговија со луѓе. Меѓу трансакциите на кои укажа Џејн Доу беа и уплатите на Епстин извршени од милијардерот Леон Блек, коосновач на компанијата „Apollo Global Management“.
Блек се повлече од позицијата извршен директор на „Аполо“ во 2021 година, откако ревизија спроведена од надворешна адвокатска канцеларија утврди дека на Епстин му платил 158 милиони долари за даночно и имотно планирање. Блек ги негираше сите противправни дејствија и изјави дека не бил свесен за криминалната активност на Епстин.
Адвокатите на Џејн Доу ги тужеа и другите наводни помагачи во сексуалната трговија на Епстин, а во 2023 година постигнаа спогодби од 290 милиони долари со „ЏП Морган Чејс“ и 75 милиони долари со „Дојче банка“ во име на неговите обвинителки. Истите адвокати, исто така, поднесоа жалба на одлуката на Ракоф од јануари за отфрлање на сличната тужба поднесена против „Bank of New York Mellon“.
Епстин почина во затворска ќелија на Менхетен во август 2019 година, додека чекаше судење по обвиненија за сексуална трговија со луѓе. Неговата смрт официјално е окарактеризирана како самоубиство од страна на њујоршкиот медицински вештак.