Банкарскиот сектор и во третиот квартал од годинава продолжил да работи стабилно и сигурно, со висока солвентност, подобрена ликвидност и унапреден квалитет на кредитното портфолио, оценува Советот на Народната банка во најновиот извештај.
Според податоците, стапката на адекватност на капиталот останува стабилна и изнесува 19,5 проценти, додека ликвидносната позиција дополнително е зајакната и покрива значителен дел од краткорочните обврски и депозитите на домаќинствата. Резултатите од спроведените стрес-тестови укажуваат на висока отпорност на банкарскиот систем на можни негативни шокови.
Во овој период е забележано и понатамошно подобрување на квалитетот на кредитното портфолио. Стапката на нефункционални кредити е намалена на историски најниско ниво од 2,3 проценти, што, според оценките, е показател за зголемена финансиска стабилност.
Растот на депозитите останува солиден, иако е благо забавен во однос на претходниот период. Најголем придонес во депозитниот раст имаат денарските и долгорочните депозити. Од друга страна, кредитната активност кон нефинансиските сектори забавила на квартална основа, но годишната стапка на раст на вкупните кредити благо се зголемила и достигнала 14,9 проценти.
Советот на Народната банка наведува и дека во периодот од јануари до крајот на септември банкарскиот сектор остварил добивка од работењето. Иако таа е нешто пониска во однос на претходниот период, показателите за профитабилност и понатаму се оценуваат како солидни.