Банката на Англија ги задржа каматните стапки на сегашното ниво поради растечката загриженост за нов инфлаторен шок предизвикан од војната меѓу САД и Израел против Иран. Монетарниот комитет на банката со мнозинство гласови одлучи да ја задржи клучната каматна стапка на 3,75 проценти, во време кога се очекува раст на трошоците за живот за домаќинствата.

Финансиските пазари веќе беа речиси сигурни дека каматните стапки нема да се променат, а сега се повеќе се очекува дека тие би можеле да се зголемат веќе во јули. Одлуката доаѓа во време кога расте стравот дека последиците од конфликтот на Блискиот Исток дополнително ќе ги погодат британските домаќинства финансиски преку нов бран на зголемување на цените, објавува Гардијан.

Цените на нафтата се зголемија за околу 60 проценти од израелско-американскиот воен напад врз Иран на 28 февруари и надминаа 100 долари за барел, достигнувајќи околу 115 долари, додека цените на бензинот во Европа скокнаа за речиси 100 проценти, зголемувајќи ги трошоците за граѓаните и бизнисите на Велика Британија.

Економистите предупредуваат дека продолжениот конфликт би можел сериозно да го загрози животниот стандард низ целиот свет поради високите цени на енергијата и прекините во снабдувањето. Пред почетокот на војната, се очекуваше банката да ги намали каматните стапки бидејќи инфлацијата се забави и имаше загриженост за силата на британската економија.

Инфлацијата во Велика Британија моментално е околу три проценти, што е намалување од минатогодишниот врв од 3,8 проценти, и се очекуваше да биде поблиску до целта од два проценти. Сепак, сега се проценува дека, поради војната, таа би можела повторно да се зголеми на околу три проценти до крајот на тековната година.