Депозитната база кај домашните банки се зголемила за 11 насто, а дадената кредитна поддршка за 12,7 насто. Движењата се на годишна основа, додека месечните регистрирани во ноември се позитивни 0,3, односно 1,3 насто. Достигнати се износи од 10,29 милијарди евра кај депозитите и 8,82 милијарди евра кај кредитите.

Штедењето најсилниот поттик го има од граѓаните. Нивните средства доверени во банките се  малку под прагот на седум милијарди евра (6,97 милијарди евра). Во текот на ноември бележат раст од 0,4 насто. Таа промена, велат од Народната банка, во поголем дел произлегува од зголемувањето на краткорочните депозити во странска валута и на долгорочните депозити во денари. Споредено со истиот лански месец, повисоки се за 12,4 насто.