Германскиот фармацевтски и хемиски гигант Bayer соопшти дека досега укинал околу 12.000 работни места со полно работно време во рамки на тековната програма за реструктурирање. Целта на мерките е забрзување на процесот на донесување одлуки и намалување на менаџерските и административните позиции.
Компанијата, која е под притисок поради судски тужби во САД поврзани со тврдењата дека хербицидот Roundup предизвикува рак, се воздржува од разделување на групацијата и покрај повиците на дел од инвеститорите да се продаде единицата за здравствени производи или да се издвои земјоделскиот сектор на берза.
Претходно, во 2024 година беа укинати околу 7.000 работни места, а според извештајот на компанијата, на крајот на јуни бројот на вработени на глобално ниво изнесувал околу 90.000 во еквивалент на полно работно време.
Минатата недела Bayer објави дека за тужбите поврзани со Roundup има издвоено 7,4 милијарди долари (6,3 милијарди евра), од кои дополнителни 1,2 милијарди евра се одвоени во 2025 година за тековните судски постапки во САД.