Биткоинот продолжи да паѓа, па дури и падна под психолошката граница од 100.000 долари, откако новиот бран на аверзија од ризик предизвика големи повлекувања на средства од крипто-фондовите. Најголемата криптовалута во светот падна за 2,8 отсто во петокот, достигнувајќи цена од под 96.000 долари, што ја става на повеќе од 20 отсто под нивото од рекордните 120.000 долари кои ги достигна на почетокот од октомври.

Криптопазарот и натаму е под притисок по ликвидираните позиции во вредност од 19 милијарди долари на 10 октомври, што резултираше со губење на повеќе од билион долари од вкупната пазарна вредност на сите криптовалути. Овие ликвидации продолжија и во последните 24 часа, кога вредноста на ликвидирани крипто-облози надмина милијарда долари.

Во меѓувреме, фондовите кои инвестираат во биткоин забележаа нето одливи од околу 870 милиони долари во четвртокот, што е второ најголемо повлекување на средства од кога овие фондови започнаа со работа.

Американските биткоин берзански фондови забележаа втор најголем дневен одлив

Макс Гокман, заменик главен инвестициски директор во ФТИС (Franklin Templeton Investment Solutions), изјави: „Сегашниот пад на цената на биткоинот е целосно поврзан со другите ризични активи, но бидејќи криптовалутите се многу поволатилни, падот тука е поголем“.

Дополнително, ликвидноста на пазарот значително се намали. Според податоци на „Каико“ (Kaiko), капацитетот на пазарот да апсорбира големи трансакции без значителни ценовни флуктуации е намален за 30 отсто во споредба со највисоките нивоа годинава.