Биткоинот падна на најниско ниво од враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, бришејќи ги сите добивки од постизборниот оптимизам. Криптопазарот под силен притисок.

Вредноста на биткоинот падна на најниското ниво откако Доналд Трамп, пред нешто повеќе од една година, повторно се врати во Белата куќа, со што се избришаа сите добивки што најпознатата криптовалута ги оствари поради оптимизмот околу претседател кој важи за наклонет кон дигиталните пари, пишува Блумберг.

Биткоинот го продолжи својот четиримесечен пад и се спушти под 74.424 долари најниската вредност во текот на 2025 година. Претходниот минимум беше забележан во април, кога најавите на Трамп за нови царини ги потресоа глобалните финансиски пазари.

„Многу инвеститори купуваа додека цената паѓаше, надевајќи се на брзо закрепнување“, изјави Бохан Џијанг од трговската компанија FalconX. „Но како што падот продолжи, се активираше присилна ликвидација на нивните позиции, што создаде дополнителен притисок и уште побрзо ја урна цената.“

Во текот на денот биткоинот падна за дури 7 проценти, на 72.877 долари. Иако подоцна делумно се опорави и се искачи на околу 76.000 долари, од почетокот на годината вредноста на биткоинот е во минус од речиси 14 проценти.

Удар врз пазарот и исчезнување на ризичните облози

И покрај отворената поддршка од Белата куќа, биткоинот падна за околу 40 проценти во однос на рекордното ниво достигнато во октомври минатата година.

Падот започна откако коментарите на Трамп за воведување нови царини предизвикаа масовни распродажби, при што во еден ден беа „избришани“ околу 19 милијарди долари вложени преку тргување со полуга, односно со позајмени средства. Од тој удар, криптопазарот сè уште не успеа целосно да се опорави.

Овој пад на биткоинот се случува во услови на пошироки глобални турбуленции технолошките акции бележат загуби, златото и среброто полека се опоравуваат по претходните падови а цената на нафтата расте поради геополитички тензии.

Податоците од пазарот на финансиски деривати покажуваат дека инвеститорите сè повеќе се обложуваат на натамошен пад, наместо на раст. „Расположението на пазарот го допре дното“, велат аналитичарите, додавајќи дека инвеститорите сега очајнички се обидуваат да се заштитат од дополнителни загуби.

Страв од пукање на балонот и повлекување на малите инвеститори

Додека големите институционални инвеститори засега се релативно стабилни, малите вложувачи масовно се повлекуваат од пазарот. Ова следува откако некои од најголемите сопственици на биткоин продадоа криптоимот во вредност од неколку милијарди долари.

Особено тешка е состојбата кај помалите криптовалути, таканаречените алткоини, кои во изминатата година изгубија и до 70 проценти од својата вредност. Дури и ETF-фондовите кои ја следат цената на биткоинот, а во кои вложуваат обични граѓани, забележаа повлекување на милијарди долари во текот на ноември.

„Биткоинот и понатаму се третира како високо ризична актива која бурно реагира на секоја пазарна промена, а не како ‘дигитално злато’ што служи како засолниште во кризни времиња“, заклучува Мортен Кристенсен од порталот AirdropAlert.com.