Земјите во регионот се соочуваат со недостиг од работна сила, овој тренд не ја одминува ниту Македонија. Благодарение на новите инвестиции се зголемува бројот на правни субјекти, а со тоа и потребата од повеќе работници. Одливот на кадар во странство засега е најголемиот проблем, испразнетите работни места се потполнуваат пак со увоз на работа сила од другите земји, велат од Стопанската комора. Работодавачите пак велат-доколу понудите добра плата-лесно ќе најдете добар работник.

Продолжува борбата на бизнис секторот во потрга по работници, трендот на недостиг од работна сила и одливот на кадар во Македонија продолжува. Во пелагониско преспанскиот регион, благодарение на новите инвестиции, има околу 8.000 правни субјекти, а со тоа се зголемува и потребата од работници, недостиг има во сите гранки.

Дефицитот со работна сила се надополнува со работници од странство, за кои потребно е време и ресурси за да се подготват за работен процес-велат од регионалната Стопанска комора.

Од бизнис секторот потврдуваат дека се чувствува недостиг од стручен кадар, но тој проблем најлесно се надминува доколу тие добро се плаќаат, ако понудите повисоки плати, лесно ќе најдете добри работници.

Во огласите за вработување најчести се побарувањата за стручен кадар од машинската индустрија, градежништвото, електротехничка струка, преработувачката индустрија, туризам и угостителство.

А дека бројот на лица кои бараат работа опаѓа, покажуваат и податоците од Агенцијата за вработување. Во битолскиот регион како невработени регистрирани се нешто повеќе од 3.300 лица.