Според Делегацијата на ЕУ во Скопје македонските институции ги суспендирале сите исплати од програмата ИПАРД 3

Европската делегација во Скопје ја поздравува одлуката на националните институции да ги суспендираат сите исплати од програмата ИПАРД 3 додека не се разјаснат околностите околу истрагата во Платежната агенција за земјоделството, а во исто време ќе ги заштити парите на европските граѓани кои неповратно се вложуваа во македонското земјоделие.

Ова е одговорот од Делегацијата на ЕУ во Скопје на прашање на порталот за земјоделие „Зелена берза“, за нивниот став откако минатата недела беше разоткриен голем скандал со поткуп во кој е вмешан директорот на Платежната агенција Илија Стоилев и уште неколку службеници во МЗШВ и УЈП.

Од Делегацијата велат дека се запознати со случајот и прибираат дополнителни информации:

„Европската комисија е запознаена со медиумските известувања за истражните дејности превземени од страна на Обвинителството за организиран криминал и корупција, а кои го опфаќаат директорот на Агенцијата одговорна за ИПАРД програмата. Европската комисија побара дополнителни информации од националните институции и ја задржува можноста да превземе превентивни мерки за заштита на финансиските интереси на ЕУ. Ја поздравуваме одлуката на националните институции да ги суспендираат сите исплати од ИПАРД 3 додека не се разјаснат околностите“, стои во одговорот од Делагацијата на ЕУ.

На прашањето дали коруптивниот акт на првиот човек на Агенцијата може да предизвика суспензија на програмата и стопирање на финансирањето преку ИПАРД 3 од Делегацијата одговараат дека во тек е истрага и не можат многу да се впуштат во коментари, но повикуваат на голема сериозност во пристапот кон овој случај од македонските истражни органи.

„Очекуваме институциите од Северна Македонија да постапуваат со целосна сериозност по ова прашање. ЕУ останува посветена на обезбедување поддршка за фармерите, земјоделството и руралните области, доколку средствата од ЕУ се обезбедени соодветно“, порачуваат од Европската делегација во Скопје.

Денес на прес-конференција пратеникот на СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски прв објави и тврди дека ИПАРД 3 програмата, инструментот на ЕУ за претпристапна помош за рурален развој е суспендирана на неопределно време.

„Во петокот околу 16 часот, од страна на националниот координатор за авторизација преку механизмот за суспендирање на плаќања, е донесена и дистрибуирана до македонските власти одлука за суспендирање на плаќањата во ИПАРД 3“.

Денеска попладне министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, изјави дека „Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата на коишто сме корисници како држава“.

И додаде дека ќе продолжи борбата против корупцијата:

„Нашата борба против корупцијата којашто ја водиме во моментов и дополнителните проверки коишто ги правиме во самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се силно пофалени од страна на Брисел“, истакна тој.

Според него, „ќе се преземат одредени активности во делот на контролните механизми, во делот на исплатата на ИПАРД средствата“.

Министерот Трипуновски рече дека набрзо ќе има нов директор на Агенцијата, со цел тековното работење да продолжи со нормална динамика.

Европската помош преку ИПАРД 3 за македонското земјоделие изнесува 96 милиони евра или вкупно со нашата партиципација 128 милиони евра.