Новиот ултиматум на американскиот претседател дополнително ја притиска ЕУ

  • Во објава на социјалните мрежи изминатиот викенд, американскиот претседател рече дека ќе биде подготвен да тргне со санкции за Кремљ кога сите земји членки на НАТО ќе престанат да купуваат нафта од Русија. Тој исто така нагласи дека земјите што припаѓаат на западната воена алијанса треба да воведат тарифи помеѓу 50 и 100 проценти за Кина до крајот на војната во Украина. Барањата следуваа откако американскиот министер за енергетика Крис Рајт го посети Брисел и ја повика ЕУ да се откаже од руските енергенти во согласност со нееднаквиот трговски договор на Унијата со САД од јули, во кој Европејците ветија дека ќе купат американска нафта и гас во вредност од 750 милијарди долари до крајот на мандатот на Трамп. Во меѓувреме, членките на БРИКС унисоно застанаа и сплотено реагираа наспроти иницијативите на Трамп. Поларизираноста на светот продолжува…

Најавите на американскиот претседател за воведување нови санкции за Русија зависат од неколку големи барања што тој сака претходно да ги спроведат европските сојузници на САД. Но таквиот процес ќе претставува тешка задача за лидерите на Европската Унија, наведува „Политико“, анализирајќи ги барањата на Трамп.

Во објава на социјалните мрежи изминатиот викенд, американскиот претседател рече дека ќе биде подготвен да тргне со санкциите за Кремљ кога сите земји членки на НАТО ќе престанат да купуваат нафта од Русија. Тој исто така нагласи дека земјите што припаѓаат на западната воена алијанса треба да воведат тарифи помеѓу 50 и 100 проценти за Кина до крајот на војната во Украина.

Барањата следуваа откако американскиот министер за енергетика Крис Рајт го посети Брисел и ја повика ЕУ да се оттргне од руски енергенти во согласност со нееднаквиот трговски договор на Унијата со САД од јули, во кој Европејците ветија и дека ќе купат американска нафта и гас во вредност од 750 милијарди долари до крајот на мандатот на Трамп.

Отфрлањето на руската нафта наидува на внатрешен отпор во Унијата

За повеќето земји од ЕУ, ова не е премногу тешко барање, наведува „Политико“. Увозот на руска нафта во ЕУ нагло опадна откако блокот го забрани увозот по морски пат по целосната руска инвазија врз Украина. Пред војната во 2021 година, блокот увезуваше 45 проценти од својот природен гас и 27 проценти од својата сурова нафта од Русија. Минатата година, тој удел падна на 19 проценти за гас и три проценти за нафта. Во 2024 година, ЕУ издвои 21,9 милијарда евра за руски фосилни горива, што претставува околу 10 проценти од вкупните приходи од извоз на Русија во светот.

Инсистирањето на Унгарија и Словачка дека им е потребна руска нафта го отежнува понатамошниот напредок. На двете земји им беше доделено привремено ослободување што им овозможува да продолжат да внесуваат гориво преку гасоводот „Дружба“ што минува низ Украина. Иако отстапувањето имаше цел да им даде време на Будимпешта и Братислава да најдат алтернативни доставувачи, двете земји наместо тоа ги зголемија своите купувања од Русија – профитирајќи од намалената нафта. Тоа ги остави двете земји зависни од рускиот увоз.
– Унгарија ја зголеми својата зависност од руската сурова нафта од 61 процент пред инвазијата на 86 проценти во 2024 година, а Словачка остана речиси 100 проценти зависна од снабдувањето од Москва – според извештајот на Центарот за истражување на енергијата и чистиот воздух.
– Исклучувањето од руските извори на енергија би имало многу сериозни последици и за словачката и за европската економија. Затоа, ние активно се спротивставуваме на овој предлог – изјави портпаролот на словачкото Министерство за надворешни работи.
За Европската комисија, барањата на Трамп овозможуваат дополнителна моќ да ги притиснат Унгарија и Словачка за да ја намалат својата зависност од Москва, рекоа тројца европски претставници.

Комесарот за енергија на ЕУ, Ден Јергенсен, во наредните недели започнува преговори со двете земји како дел од неговиот план „РипауерЕУ“ (REPowerEU) за прекин на купувањето руски енергенти. Брисел во јули предложи закон со кој ќе се бара од земјите од ЕУ да го прекинат увозот на руски гас до 2027 година. Рајт предложи забрзување на постепеното укинување, но има малку желба за тоа, рекоа двајца дипломати од ЕУ вклучени во разговорите.
– На земјите членки на ЕУ им е потребно време да се приспособат и да најдат алтернативен извор – рече еден од дипломатите.

Се очекува барањето за откажување од руска нафта од сите сојузници на НАТО да наиде на отпор од Турција. Клучниот сојузник на НАТО со единствена стратешка локација што го контролира пристапот до Црно Море претходно одби да се согласи со западните ограничувања за трговија со Русија. Наместо тоа, земјата профитираше со реекспортирање милијарди евра руска нафта во Европа и на други места.
– Многу е неверојатно Турција да се согласи со такво барање во овој момент – рече Синан Улген, виш соработник во аналитичкиот центар „Карнеги Јуроп“ и поранешен турски дипломат.

Веројатно ќе биде потребен значителен притисок од Трамп за да се принуди турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да го промени курсот. Земјата е во криза со трошоците за живот, при што високите цени на енергијата предизвикуваат незадоволство и се закануваат на неговото понатамошно задржување на власта.

Минатата година, Турција добиваше 41 процент од увозот на гас од Русија, според Аура Сабадус, виш аналитичар за енергија во консултантската куќа ИЦИС.
– Земјата увезуваше 57 проценти од својата нафта од Москва – рече Хомајун Фалакшахи, водечки аналитичар за сурова нафта во фирмата за стоки „Кплер“.

Самото НАТО веројатно нема да игра никаква улога во прекинувањето на увозот, истакна висок дипломат на НАТО.
– Политиките за купување руска нафта и гас и воведување царини од страна на Европа ѝ припаѓаат на ЕУ – нагласи дипломатот во изјава за „Политико“.

Ветеното купување тони американски гас е невозможно за ЕУ?

Администрацијата на Трамп ја прикажа зголемената продажба на американски течен природен гас како исклучителна можност за сите вклучени страни: поголема добивка за американските компании за фосилни горива и помалку приходи за руската воена машина.
– Сакаме да го истиснеме целиот руски гас. Колку повеќе можеме да ја задушиме способноста на Русија да ја финансира оваа убиствена војна, толку подобро за сите нас – рече Рајт за време на неговата неодамнешна посета на Брисел.

Во јули, американскиот претседател ја искористи заканата со царини за да извлече обврска од претседателката на комисијата, Урсула фон дер Лајен, дека ЕУ ќе купи американска нафта и гас во вредност од најмалку 750 милијарди долари до крајот на неговиот мандат. Аналитичарите посочуваат дека ќе биде речиси невозможно да се исполни ветувањето.

ЕУ потроши 375 милијарди евра за увоз на енергија минатата година, а само 76 милијарди евра од таа сума беа употребени за енергенти од САД, според Лаура Пејџ, виша аналитичарка во „Кплер“. За да ја исполни обврската, блокот во суштина ќе мора тројно да го зголеми американскиот увоз во следните три години – и да ги избегнува другите доставувачи како што е Норвешка, која обезбедува поевтин гас преку цевковод.

Истовремено, САД испратија само 166 милијарди долари нафта и гас во странство во 2024 година, забележа Пејџ, што значи дека ќе мора да го пренасочат целиот свој извоз кон ЕУ, но и да обезбедат уште повеќе енергенти.

Во првиот квартал од годинава, американскиот течен природен гас (ЛНГ) забележа пазарен удел од 50,7 проценти во ЕУ, додека Русија учествуваше со 17 проценти (голем дел од гасот беше набавен според долгорочни договори потпишани пред војната во Украина).

Планот „РипауерЕУ“ на Јергенсен вклучува услови што би ги обврзале енергетските компании да ги раскинат тие договори, ослободувајќи ги да купуваат американски гас, но компаниите сè уште размислуваат дали таков потег би ги оставил подложни на судски спор. Згора, Европската комисија сѐ уште не предложила начин да се стимулираат приватните компании да купуваат американски гас.

Исполнување на барањето за царини за Кина би било „смртоносен удар“ за ЕУ

Ова едноставно нема да се случи, категорично оценува „Политико“, наведувајќи оти воведувањето царини за Пекинг би било „смртоносен удар“ за ЕУ, на политички и на економски план. Во текот на изминатите децении, економијата на ЕУ стануваше сè повеќе испреплетена со кинеската, при што потрошувачите се навикнуваат на евтин увоз. И додека ЕУ вети дека ќе ја намали својата зависност од Кина, клучните сектори на економијата – од германските производители на автомобили до француските продавачи на вино и италијанските модни куќи – се потпираат на земјата за голем дел од нивното производство и продажба.

Кина е трет по големина трговски партнер на ЕУ за стоки и услуги – по САД и Велика Британија – и втор по големина само за стоки, по САД. Земјата учествува со околу 21 процент од увозот на ЕУ. Пекинг, исто така, покажа дека нема да се срами да одговори енергично на секоја провокација од ЕУ.
– Високите царини за Кина би биле значително штетни – рече Дејвид Хениг, аналитичар во аналитичкиот центар Европски центар за меѓународна политичка економија.

Минатата недела, Трамп, исто така, повика на воведување царини за Индија – историски протекционистички партнер со кој Брисел моментно ги финализира преговорите за трговски договор.
– Трамп знае или му е кажано дека се обидуваме да склучиме трговски договор со Индија и дека не мора нужно да сакаме да влеземе во трговска војна со Кина – рече втор дипломат од ЕУ.

Останува да се види како Брисел ќе реагира на новите барања на американскиот претседател откако претходно му угоди со склучување неповолен за ЕУ трговски договор со САД.

БРИКС се обединува против барањата на САД во име на антихегемонизмот

Охрабрени од успехот на неодамнешниот самит на Шангајската организација за соработка во Тјенџин, Кина, и под притисок од САД, лидерите на БРИКС предводени од кинескиот претседател Си Џинпинг и неговиот руски колега Владимир Путин неодамна одржаа (онлајн) самит на кој беше истакната подготвеноста на блокот да ја продлабочи соработката, а со тоа и здружено да се спротивстави на трговската политика на САД и барањата на американскиот претседател Доналд Трамп. Токму затоа на состанокот било разговарано за царинските тарифи наметнати од американската влада, како и за обединување во поддршка на мултилатерализмот.

Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва го осуди она што го нарече „тарифна уцена“, бидејќи Бразил, како и Индија, се справува со увозна давачка од 50 проценти наметната од САД.
– Тарифната уцена се нормализира како инструмент за освојување на пазарот и за мешање во внатрешните работи – рече Лула за време на виртуелниот состанок на лидерите на БРИКС, кој тој го свика за да се дискутира за „одбрана на мултилатерализмот“.

На самитот на БРИКС што се одржа во Рио де Жанеиро, Бразил, во јули, лидерите на 11-те најголеми економии во развој ја потпишаа Декларацијата од Рио де Жанеиро, изразувајќи сериозна загриженост за порастот на едностраните тарифи и нетарифните мерки што ја нарушуваат трговијата и се неконзистентни со правилата на Светската трговска организација.