Развоен буџет или вовед во предвремени избори? Што се крие зад бројките од буџетот за идната година? Намалување на капитални инвестиции во историски најголем буџет, со ново странско и домашно задолжување од 950 милиони евра е нелогично, велат експертите. Поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека ова е буџет кој повеќе личи на политички, отколку на развоен документ. Според него, драстичното намалување на капиталните расходи покажува дека државата не планира долгорочен раст, туку краткорочна политичка корист. Вели дека со зголемување на платите и пензиите, Владата не стимулира продуктивност, туку се обидува да купи доверба кај гласачите.
И професорот Абил Бауш со сличен став. Тој предупредува дека ако кратењето не се прави поради добро планираните капиталните инвестиции, туку само да се покаже дека владата работи домаќински, тоа може да ја намали економската активност и да го уназади развојот. Ако новите задолжувања не се насочат кон реални инвестиции и се искористат само за враќање на стари долгови, државата ризикува да ја изгуби финансиската стабилност, вели Бауш.
Исплатата на долговите од 700 милиони евра за еврообврзницата и уште околу 200 милиони за други странски обврски ќе биде најголемиот товар за буџетот во 2026 година. Поради тоа, Владата планира ново задолжување, кое, според министерката Гордана Димитриеска Кочоска, може да надмине една милијарда евра. Предлог-буџетот за наредната година предвидува 6,7 милијарди евра расходи, 6,1 милијарда приходи и дефицит од 3,5 проценти од БДП. Економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, a инфлацијата на 2,5 отсто. Но експертите предупредуваат, клучното прашање не е колку ќе се собере, туку како и за што ќе се потроши секое евро.