Владата деновиве го усвои предлог-буџетот за 2026 година, кој според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска претставува продолжување на позитивните трендови во економијата, со јасна цел да се оствари забрзан економски раст и да се спроведе фискална консолидација преку строга фискална дисциплина.

„Фискалната политика за 2026 година ќе биде насочена кон одржување на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност. Ќе продолжиме со мерки за намалување на сивата економија и зголемување на наплатата на буџетските приходи. Буџетот ќе се темели на реални проекции – приходите ќе се планираат според реалните можности, а расходите ќе бидат насочени кон стратешки приоритети. Исто така, ќе продолжи постепената фискална консолидација и дисциплинираното управување со јавните финансии, со цел поголема ефикасност и одговорност во трошењето на буџетските средства. Ќе се намалуваат несуштинските расходи, а поддршката за граѓаните и стопанството ќе се спроведува по јасни критериуми и со засилен мониторинг“, изјави министерката Димитриеска-Кочоска.

Владата планира да го намали буџетскиот дефицит за 0,5 процентни поени

Вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари (6,09 милијарди евра), а вкупните расходи изнесуваат 413,9 милијарди денари (6,73 милијарди евра), што значи дека ќе треба да се финансира дефицит од околу 640 милиони евра. На тој начин од Владата велат дека продолжуваат со спроведување строга фискална дисциплина, при што растот е поизразен на приходната отколку на расходната страна. На ваков начин, буџетскиот дефицит изнесува 39,2 милијарди денари, односно 3,5 проценти од БДП, што претставува намалување за 0,5 процентни поени во однос на 2025 година, истакнуваат од Министерството за финансии.

На приходната страна, Владата планира да собере вкупно 336 милијарди денари (5,46 милијарди евра) од даноци и придонеси, што е за 5,3 отсто повеќе во однос на буџетот за 2025 година. Најголем удел во даночните приходи, како и досега, има данокот на додадена вредност (ДДВ), со 92,5 милијарди денари (1,5 милијарда евра), за 6,7 отсто повеќе во однос на 2025 година, додека најголем скок се планира кај данокот на добивка, од 14,1 отсто, односно ќе се соберат 26,6 милијарди денари (433 милиони евра). „Зголемувањето се должи на позитивната реализација на приходите од овој вид на данок во 2025 година, зголемувањето на профитите на компаниите, оданочувањето на компаниите што биле во системот на државна помош и очекуваниот економски раст. Во планираниот износ се вкалкулирани и проектираните приходи по основ на имплементацијата на Законот за минимален глобален данок на добивка“, објаснуваат од Министерството за финансии.

На страната на расходите, Владата планира да потроши 373,9 милијарди денари (6,08 милијарди евра) за тековни расходи, за 4,9 отсто повеќе од претходната година, при што најголемата ставка се социјалните трансфери со 206,3 милијарди денари (3,35 милијарди евра), што е за 6,7 отсто повеќе од 2025 година. За пензии ќе се потрошат 116,8 милијарди денари (1,9 милијарда евра) или за речиси 10 отсто повеќе, за здравствена заштита 53,8 милијарди денари (875 милиони евра, +2,5 отсто), додека за социјални надоместоци се планираат за 15,7 отсто помалку средства, односно 12 милијарди денари (195 милиони евра).

За плати и надоместоци на институциите што се буџетски корисници се планираат 52,6 милијарди денари (855 милиони евра, +7 отсто), за стоки и услуги 27,9 милијарди денари (454 милиони евра, -0,5 отсто), за трансфери до единиците на локалната самоуправа 36 милијарди денари (585 милиони евра, +7,4 отсто), а за субвенции и трансфери безмалку 30 милијарди денари (489 милиони евра, -5,8 отсто).

Реализацијата на буџетот би требало да одвива во услови на намалена инфлација, со стапка проектирана на 2,5 отсто и со очекуван економски раст од 3,8 отсто.

Растот на економијата според предлог–буџетот би требало да е поддржан од нови инвестиции, отворање производствени капацитети и активни мерки за вработување, при што бројот на вработени ќе порасне за 1,6 отсто, а невработеноста ќе се намали на 10,1 отсто. Просечната нето-плата се очекува да порасне номинално за 6,5 отсто.

Министерката истакна дека во буџетот посебен акцент е ставен на развојната компонента, која е поткрепена со високо ниво на капитални инвестиции, проектирани во износ од 40,5 милијарди денари (660 милиони евра).

„Се очекува забрзување на реализацијата на капиталните проекти што се во позрела фаза а се финансирани од буџетот, но истовремено се очекува и започнување на реализацијата на најавените проекти во патната и железничката инфраструктура, како и во здравството и во образованието. Позитивен придонес кон инвестициите се очекува и од реализацијата на инфраструктурните проекти во општините во следниот период. Очекуваме токму овие капитални проекти да бидат главен двигател на економскиот раст во 2026 година, кој е проектиран на 3,8 отсто. Позитивно влијание врз растот се очекува и од приватните инвестиции, како и од приватната потрошувачка поддржана со растот на платите и пензиите“, посочи Димитриеска-Кочоска.

Од позначајните капитални инвестиции, Владата ги наведува оние во областа на патната инфраструктура, поврзани со проектирање и изградба на дел од коридорот 8, и тоа: делницата Тетово – Гостивар (проширување на автопатот), изградба на делницата Гостивар – Букојчани, но и на делницата Прилеп – Битола како дел од коридорот 10д. Исто така, предвидена е изградбата на автопатската делница Скопје – Блаце (граница со Косово), која се финансира со заем од ЕБОР и грант од инвестициската рамка за Западен Балкан – ВБИФ, а подобрувањето на патната инфраструктура на општините во Република Северна Македонија се реализира преку Проектот за поврзување на локалните патишта, финансиран со заеми од Светската банка.

Опозицијата веднаш го критикуваше предлог–буџетот, тврдејќи дека власта го нарекува развоен, а истовремено ги намалува капиталните инвестиции.

„Со предлог-буџетот тие се планираат на 40,5 милијарди денари, речиси 7 милијарди помалку од износот утврден со ребалансот за 2025 година. На денот на усвојување на предлог-буџетот, реализацијата на капиталните расходи изнесува само 44,94 отсто. Со екстремно слаба реализација, тврдењето дека ‘капиталните проекти ќе бидат главен двигател на растот во 2026 година’ е контрадикторно и признание за неспособност“, велат од опозициската СДСМ.

Слабата реализација на капиталните инвестиции стара болка

Досегашната слаба реализација на капиталните проекти, односно нереалното проектирање на капиталните расходи го истакна и Европската комисија во својот најнов извештај за напредокот на Македонија во реформите, за 2025 година. Извештајот ја нагласува неодржливоста на шемата, според која, при ребаланс на буџетот капиталните расходи се кратат, а за сметка на тоа растат тековните трошења, за да може да се финансира отплата на заостанати обврски, зголемување на платите во јавниот сектор, зголемување на пензиите и зголемените трансфери кон фондовите и општините.

Проектираниот дефицит за 2026 година од 39,2 милијарди денари (638 милиони евра) и отплатата на долгот во износ од 74,8  милијарди денари (1,22 милијарда евра) ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.

Отплатата на главнината по основ на надворешен долг во износ од 54,9 милијарди денари (893 милиони евра) го вклучува редовното сервисирање на обврските кон странските кредитори: еврообврзницата што беше издадена во 2020 година, во износ од 43,1 милијарди денари (700 милиони евра), ММФ во износ од 3,1 милијарди денари (50,4 милиони евра), ИБРД во износ од 3,3 милијарди денари (53,7 милиони евра), ЕБРД 2,2 милијарди денари (35,8 милиони евра) и остатокот од 52 милиони евра кон доверителите ИДА, ЦЕБ, ЕИБ и уште неколку билатерални кредитори.

Отплатата на главнината по основ на домашен долг во вкупен износ од 19,9 милијарди денари (324 милиони евра) се однесува на отплати на 2, 3, 5 и 10-годишни државни обврзници во износ од 11 милијарди денари (179 милиони евра), отплата на домашни заеми во износ од 8,6 милијарди денари (140 милиони евра), како и отплата на структурни обврзници во износ од 0,3 милијарди денари. Другите долгорочни обврзници, кои се со рочност од 7, 15 и 30 години, немаат достасувања во 2026 година.

Предвиденото ниво на ново домашно задолжување изнесува 35,6 милијарди денари (579 милиони евра), а ќе се обезбеди преку задолжување со државни хартии од вредност и/или домашен заем. Задолжувањето во странство во вкупен износ од 85 милијарди денари (1,38 милијарда евра) ќе се реализира преку издавање еврообврзница, како и друго странско задолжување за буџетско финансирање, и преку повлекување средства од кредитни линии од странски финансиски институции наменети за финансирање одделни проекти и/или буџетски дефицит.