Растот на цените на земјоделските производи во август за премиерот Христијан Мицкоски пред се покажуваат дека дел од парите завршиле кај земјоделците. Но, реалноста, според Мицкоски покажува и дека дел од прекупците и трговците ставаат многу повисоки, нелогични маржи на земјоделските производи, што на крајот парите не завршуваат кај земјоделците, а храната е скапа за граѓаните.
„Инаку, го следиме однесувањето на трговците и веќе колку што сум информиран, за дел од нив има и одредени процедури и постапки пред институциите… Се веќе процесирани и ќе треба веќе да влезат во финална завршница“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Според Државниот завод за статистика, во август цените на земјоделските производи на страна на инпутот пораснале 2,6 насто, а на страна на аутпутот за 12,1 отсто. Мицкоски вели дека статистиката покажува дека храната во август поевтинила во споредба со јули годинава за 0,7 отсто.
„Ќе повторам дека цените со кои што земјоделците ги продаваат своите производи се историски највисоки. Сега е пиперката ајварка, но исто така ако се вратиме наназад и зелката, и доматите, и краставицата, и кромидот, и сите останати производи, но ако се вратиме уште поназад, и тутунот, и сега грозјето, ќе видите дека цените се историски највисоки, а тоа го говори и практично скоро дуплираниот на извоз на храна споредено со истиот период од минатата година, посебно на земјоделските производи“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот истакна дека секојдневно се следат маркетите и трговците за да се открие кој нелогично ги зголемува цените.