Цените на нафтата паднаа на меѓународните пазари кон 61 долар, бидејќи сигналите од водечките производители за зголемена понуда ги засенија знаците за ублажување на трговскиот конфликт меѓу САД и Кина.
На лондонскиот пазар, барел нафта се тргува по цена 61,29 долари.
На американскиот пазар, денес со барел се тргува по цена од 58,29 долари.
Одложени преговорите меѓу САД и Иран за нуклеарната програма
Расположението на пазарот беше обележано во четврток со одложувањето на новата рунда преговори меѓу Иран и САД за иранската нуклеарна програма.
Претставници на Вашингтон и Техеран требаше да преговараат во сабота во Рим, но состанокот беше поместен за друг датум „од логистички причини“, објави Оман, кој ја презеде улогата на медијатор.
Американскиот претседател Доналд Трамп истрајува во политиката на „максимален притисок“ врз Иран, заканувајќи им се на купувачите на иранска нафта со санкции.
Доколку кабинетот на Трамп построго ги спроведува санкциите врз купувачите на иранска нафта, понудата би можела да се намали за еден и пол милион барели дневно, објаснува Ендру Липоу од „Липоу Оил Асошиејтс“.
ОПЕК+ објави зголемено производство
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници треба повторно да се состанат во понеделник за да разговараат за политиката на производство.
Групата членки на ОПЕК+, исто така, се подготвува да пласира значително повеќе барели на пазарот во јуни отколку што планираше, изјавија информирани извори за Ројтерс.