Цените на становите излегуваат од рамките на реалното и објективното. Наш приоритет е преку системско делување да придонесеме за рамнотежа на пазарот и создавање услови за реални, а не шпекулативни цени, вели во интервју за МИА, Марјан Стефановски, директор на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен прстор од значење за државата АДИССДП.

Тој истакнува дека активно работат на проширување на градежните капацитети за да можат да градат што повеќе комерцијални станбени згради во насока на остварување на улогата на коректор на цената на станбениот квадрат.

– Ценовните турбуленции на пазарот на недвижности се резултат на динамиката меѓу понудата и побарувачката, а таа во последниве години е особено нарушена. Преку изградба на нови станбени објекти активно се стремиме да интервенираме во регулирањето на процес, со што директно можеме да влијаеме на зголемувањето на понудата. На тој начин, придонесуваме за стабилизирање и корекција на цената на станбениот квадрат овозможувајќи пристап до сопствен дом на поголем дел од граѓаните, вели директорот на АДИССДП.