Цените на становите стигнаа до плафон. Раст за 24 отсто е забележан во втората половина од 2025 година во Куманово. Цената за квадрат достигна до 1.700 евра. Инвеститорите на став, побарувачката но и малата понуда, ја дефинираат цената.

Продолжува растот на цените на становите. Македонија, ниту регионот не се имуни на покачувањата. Куманово со 24 отсто, е меѓу општините со највисок скок на цените во втората половина од 2025 година, покажа извештајот од регистратор на цени и закупнини. Во централното подрачје цената за еден квадрат достигна до 1.700 евра.

Инвеститорите на став побарувачката и малата понуда ја дефинира цената, но и откупот на земјиштето, процесот за добивање на одобрение за градба, цените на материјалите и пазарот на труд.

„Нема понуда во централно градско подрачје, градиме ние и дозволата ја добивме по судски пат. Во Куманово кога ќе побара одобрение за градење да се добие за колективно домување А2 исто како за нуклеарна централа да бараме одобрение за градење така се третира. Урбанистичките планови кога ќе треба да се носат така помпа се прави“, изјави Бобан Спасовски, инвеститор.

Цената велат може да се стабилизира само со нови градби и подобрување на управните постапки. Состојбата со материјалите веќе е стабилизирана.

„Становите во Куманово дефинитивно се едни од поскапите, евентуално Скопје и Охрид имаат повисока цена, Битола не знам како стои таму, но во другите градови каде што градиме, Кочани 1200-1300 ден, Гевгелија се движи сега се приближува нагорна линија 1100-1200, Паланка сега 1100 евра“, дополни Спасовски.

Во Куманово тече изградба на мини населба со урбанистички план за 20-ина згради. Но поради промашени висински коти, на реката со улицата, процесот е заглавен. Дел од становите се изградени, но граѓаните со години веќе не можат да се вселат.

Во 2024 година Општина Куманово издала 5 одобренија за градење станбени згради. Лани пак е доделено само едно одобрение, информираа од Секторот за урбанизам.