Почна поскапувањето во дел од маркетите. Купувачите ги дочекаа нови цени на рафтовите. Најголема разлика има кај хигиенските производи. Влажните марамчиња што до вчера се продаваа за 60, сега се 100 денари. Тоалетната хартија од 95 на 140. Кечапот што чинеше 50, од денеска надмина 60 денари. Маслото за јадење од 89 на 92. Корекции на цените има и кај јајцата, млекото, сирењето, газираните и негазирани сокови, пастата за заби…
Универзитетскиот професор Зоран Ивановски вели ова е показател дека замрзнатите цени и маржи даваат само краткорочен резултат.
„Мерките се со лимитиран карактер и не можат да влијаат на елиминирање на порастот на цените, особено што ние како пазарна економија треба да внимаваме, сепак, вакви административни мерки се можни единствено за кратки периоди и на ограничен број производи“ – Зоран Ивановски, универзитетски професор
Од стопанската комора на трговци на големо и мало, пак, велат дека маркетите не се виновни за новите цени и прстот го вперија кон производителите и дистрибутерите.
„Тоа нагло поскапување на цените е од увозниците и производителите. Ние како маркети само додаваме одредена маржа која што не е толку голема. Ние како што добиваме нови ценовници, ние мора да креваме цени. Не сме фактор да ги ограничиме увозниците и производителите да нема поскапување. Тоа е нивно право“ – Ладо Гега, Стопанска комора на трговци на големо и мало
„Многу тешко е да се даде одговор кој е навистина виновен. Јасно е дека и производителите ги имаат истите инфлаторни очекувања и ја антиципираат инфлацијата и додаваат проценти на своите производи. Тешко е рационално да се утврди големината на маржата која би ги задоволила и трговците и производителите во однос на цените затоа што постои класична нееднаквост, зависи каде работат трговските оператори, каде се позиционирани, дали со свој бизнис итн“ – Зоран Ивановски, универзитетски професор
Владините мерки за замрзнување на цените и ограничување на маржите на над илјада производи заврши пред само пет дена. Надлежните од Владата и Министерството за економија рекоа дека ќе следат засилени инспекции и ќе спречат нагло поскапување. Колку заштедиле граѓаните додека мерките беа во сила ќе се знае деновиве.