Минатата година, бројот на трансакции извршени со платежни картички во Албанија достигна 27,2 милиони. Ова претставува пораст од 38,7% во однос на претходната година.

Што се однесува до паричната вредност на извршените трансакции, тие достигнаа износ од 105,75 милијарди албански леки (што приближно изнесува 11 милиони евра). Ова е раст од 27% во споредба со 2024 година. Овие податоци, кои се највисоки во досегашната историја на земјата, беа објавени од страна на Централната банка на Албанија.

Забележително е дека минатата година, за првпат, бројот на плаќања реализирани преку ПОС терминали го надмина бројот на подигнувања на готовина од банкомати.

Во последниве години, употребата на платежни картички е стимулирана пред се од зголемениот број на туристи кои ја посетуваат земјата. Зголемената побарувачка од нивна страна за плаќање со картички ги мотивира бизнисите да овозможат поголема прифаќање на овој начин на плаќање, истовремено придонесувајќи за поголема опфатеност и развивање на културата на безготовински плаќања кај локалното население.

Според официјалните податоци на Банката на Албанија, на крајот од минатата година, бројот на инсталирани ПОС терминали кои прифаќаат плаќања со картички достигна рекорден број од 31.263. Ова претставува зголемување од 27,7% во однос на претходната година.

Бројот на активни банкарски картички издадени од албанскиот банкарски систем достигна 1,65 милиони, што е за 9,4% повеќе во споредба со претходната година. Поточно, бројот на дебитни картички достигна 1,46 милиони, што покажува раст од 10% на годишно ниво. Кредитните картички, исто така, забележаа раст во 2025 година, со речиси 120.000 активни кредитни картички на крајот од минатата година, што претставува годишен раст од 5,6%.

Албанската влада ја најави својата цел да постигне целосно безготовинска економија до 2030 година, со крајна цел префрлање на поголем дел од трансакциите од готовина кон дигитални канали.

Со измените на Законот за даночни постапки, кои беа изгласани од страна на албанскиот Парламент кон крајот на 2025 година, се воспостави и обврска за сите бизниси (со одредени исклучоци) да бидат опремени со ПОС терминали за електронско плаќање најдоцна до 2026 година. Оваа мерка се очекува да доведе до натамошно проширување на употребата на платежни картички.