Можните сајбер напади  дополнително ги мотивираа владите и централните банки да ги забрзаат подготовките за кризни ситуации, меѓу другото, и за  создавање на најбезбедни можни системи за плаќање во кои физичката готовина игра главна улога. На крајот на септември, Европската централна банка (ЕЦБ) објави студија од своите аналитичари со наслов – „Останете смирени и носете готовина“.

Двоецот аналитичари проучуваше четири кризи што ја погодија Европа во последните години и влијаеја на побарувачката за готовина. Тоа се војната во Украина, пандемијата Ковид-19, големиот прекин на електричната енергија оваа година во Шпанија и грчката должничка криза пред една деценија. Овие искуства покажаа дека дури и „нормален“ прекин на електричната енергија може да го парализира финансискиот систем на земјата и да ги остави граѓаните без пари.

На почетокот на војната во  Украина имаше нагло зголемување на подигнувањата на готовина во Естонија, Латвија, Литванија, Словачка и Финска. Се проценува дека дополнителни 211 милиони евра се повлечени од банките по почетокот на војната, најмногу во првите три недели.

Таквото долгорочно зголемување на побарувачката за физички банкноти е особено изненадувачко со оглед на тоа што балтичките и северноевропските земји се инаку високо дигитализирани и во голема мера зависни од системи за безготовинско плаќање. Сепак, зголемени подигнувања се забележани и во Германија и Австрија

За централните банки, проблемот е да се обезбеди доволно готовина на краток рок. Пандемијата со Ковид-19 предизвика и извонредно и трајно зголемување на побарувачката за евро банкноти. Во првата година од пандемијата, од почетокот до крајот на 2020 година, кумулативното нето издавање на банкноти во еврозоната се зголеми за повеќе од 140 милијарди евра, што е годишно зголемување од 130% во споредба со просечното годишно зголемување во периодот пред пандемијата. На крајот на 2024 година, во оптек имаше банкноти во вредност од 1.588,29 милијарди евра, во споредба со околу 1 милијарда евра пред една деценија

Европската комисија претходно препорача развој и имплементација на технолошки решенија во инфраструктурата за плаќање кои гарантираат достапност и функционалност за време на кризни сценарија, како што се банкомати „отпорни на прекини“, кои можат да функционираат без целосна поврзаност со дигиталните мрежи.

Некои земји, како што се Холандија, Австрија и Финска, препорачуваат граѓаните да чуваат готовина дома за основни потреби три дена, околу 70 до 100 евра по лице, објави Пословни дневник.