Commerzbank, втората по големина банка во Германија, објави пад од 14% на нето-добивката за вториот квартал, поради трошоци за реструктурирање. Сепак, резултатите ги надминаа очекувањата на аналитичарите, во време кога италијанската UniCredit се обидува да ја преземе банката.
Commerzbank бележи 462 милиони евра нето-добивка за кварталот, во споредба со 538 милиони евра лани. Аналитичарите прогнозираа само 369 милиони евра, според консензусот објавен од самата банка.
И покрај намалувањето на добивката, банката ја зголеми прогнозата за годишна добивка на околу 2,5 милијарди евра, од претходните 2,4 милијарди. Исто така, беше подигната и прогнозата за приходите од камати.
Потенцијална аквизиција и одбрана на независноста
UniCredit веќе поседува 20,2% од акциите на Commerzbank, но се соочува со отпор од менаџментот, вработените и германската влада.
Извршната директорка на Commerzbank, Бетина Орлоп, изјави:
„Во првата половина од годината ја постигнавме најдобрата оперативна добивка во историјата на Commerzbank и брзо напредуваме со трансформацијата.“
Во обид да ја засили довербата на акционерите и да го заштити својот курс, Commerzbank планира откуп на акции во вредност до 1 милијарда евра, за што веќе е поднесено барање до регулаторите.
Реструктурирање и отпуштања
Претходно годинава, банката најави отпуштање на 3.900 вработени, главно во Германија, како дел од мерките за подобрување на ефикасноста и профитабилноста. Трошоците за реструктурирање во вториот квартал изнесуваат 534 милиони евра.