Во својата неуспешна претседателска кампања во 2024 година, кандидатката на Демократската партија, Камала Харис, вети дека ќе ги зачува повеќето од намалувањата на даноците на Доналд Трамп од 2017 година, со барем еден значаен исклучок: Таа сакаше да ги зголеми даноците за најбогатите Американци. Сега, новоизбраниот градоначалник на Њујорк има сличен предлог. Меѓу другите планови, Зохран Мамдани сака да ги зголеми за два отсто даноците на доход за најбогатите њујорчани.
– Ќе ставиме крај на културата на корупција што им овозможи на милијардери да избегнуваат оданочување и да ги искористат даночните олеснувања – рече Мамдани во својот победнички говор по изборите на 4 ноември.
Идејата, во двата случаја, е да се создадат приходи со оданочување на богатите и да се користат парите за финансирање други иницијативи. Харис бараше оданочување на богатите за да се намали дефицитот на нацијата од околу два трилиона долари. Мамдани, демократ социјалист, сака бесплатни градски автобуси и замрзнување на кириите во Њујорк.
Оданочувањето на богатите и претходно функционирало. Во ерата на Втората светска војна, најбогатите Американци издржувале највисока даночна стапка над 90 отсто за да ја поткрепат економијата. Но дали би функционирало сега? Стандардниот приговор е дека зголемувањето на даноците за богатите Американци ќе ги „избрка“. Тие ќе го напуштат градот, сојузната држава или земјата или ќе преземат чекори за да избегнат плаќање даноци, како што е преместување на богатството во странство. Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, која би можела да стави вето на зголемување на даноците, рече дека тоа ќе ги поттикне милионерите да избегаат од Њујорк. „Њујорк тајмс“ собра низа цитати од бизнис-лидери за претстојно бегство од Њујорк.
Кампањата на Мамдани процени дека данок од два отсто за жителите на Њујорк што заработуваат повеќе од милион долари годишно би собрал четири милијарди долари годишно. Секако, таа проекција не би се остварила ако доволно милионери го напуштат градот за да го избегнат данокот.
– Повисоките даноци генерално не ги поттикнуваат богатите луѓе да се селат. Даночните политики едноставно не влијаат врз одлуките за преселба. Тие го тврдат ова долго време, а има многу малку докази што го поткрепуваат тоа – рече Камолика Дас, директорка за локална политика во Институтот за оданочување и економска политика, што претставува левоориентиран аналитички центар.
Студија од 2023 година од непартискиот Институт за фискална политика не пронајде „докази за значајна миграција мотивирана од даноци“ од сојузната држава Њујорк, дури и по зголемувањето на даноците. Во 2004 година, Њу Џерси ја зголеми највисоката стапка на данок на доход за оние со највисоки приходи за 2,6 процентни поени.
– Во текот на следната година, вкупно 37 милионери заминаа. Но во истата таа година, милионерската популација на Њу Џерси се зголеми за повеќе од 3.000 лица – рече Линдзи Овенс, извршна директорка на прогресивниот аналитички центар „Граундвурк колаборатив“ во изјава за „Ју-ес-еј-тудеј“ претходно годинава.
Но со ова тврдење не се согласуваат сите истражувачи. Колумнист на „Ројтерс“ цитираше студија од непрофитната организација „Калифорниски центар за работни места и економија“, која покажува нето-загуба од 5,3 милијарди долари од данок на личен доход, од оние со високи приходи што ја напуштиле Калифорнија во период од пет години по усвојување на мерка за повисоки даноци од 2016 година.
Се смета дека зголемувањето на данокот од два отсто што го предлага Мамдани е фиксна стапка за сите приходи што ги заработуваат богатите, што би ја зголемило највисоката даночна стапка во Њујорк од приближно 3,9 на 5,9 отсто.