Добра вест за сите што планираат да го решат станбеното прашање. Собранието денеска ја усвојува измената на Законот за данокот на додадена вредност, со која повластената стапка од 5% за прв промет на станови ќе важи сè до декември 2028 година.
Ова го соопшти пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Катерина Димитровска, која појасни дека без оваа измена, од јануари 2026 година данокот требаше да скокне на 18%, што драстично ќе ги покачеше цените.
„Ова значи дека за стан од околу 70 метри квадратни, граѓаните можат да заштедат и до 15.000 евра, секако, во зависност од купопродажната цена. Тоа е сериозна и реална поддршка, а не декларативна политика“, истакна Димитровска.
Мерката се однесува на прв промет на станбени згради и станови кои се користат за станбени цели.