Дел од маркетите не го почитуваат Законот за спречување на нефер трговски практики и ова е дел од причините што цените на прехранбените производи не се намалуваат, вели заменик министерот за економија, Марјан Ристески. Неоткривајќи кои маркети и после една година од примена на Законот се уште им наметнуваат незаконски високи рабати на производителите и на дистрибутерите, што потоа се пренесува и на крајната цена што ја плаќаат граѓаните, им порача дека Комисијата за заштита на конкуренцијата веќе ги прави анализите, по што ќе има и казни. Најави и дека овој Закон ќе претрпи измени, токму во казнените одредби.

„Наредната година веќе ќе има одредени промени во одредени делови на Законот за да го направиме да биде поефикасен, а една од тие промени можам и да ви ја откријам Зголемување на казната повеќекратно од она што е предвидена во Законот.“, вели Марјан Ристески.

Ова значи дека од сегашните 20.000, казните ќе се зголемат на 200.000 евра за непочитување на Законот. Дека има непочитување, слушнал и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.

„Стигаат кај мене секакви информација, чак и претат итн. Имаме и такви ситуации во кои што тие ќе речат, па ние сме трговци, ние сме најпаметни, ние ќе ја свртиме работата во наш интерес, и така натаму. Меѓутоа, мојата улога е да балансирам меѓу нив, посебно во такви ситуации и мислам дека тоа ќе направиме врз основа на Законот и врз основана изјавата на Премиерот кој јасно кажа дека нема веќе да има мешање во ограничувањето на тоа.“, вели Бранко Азески.

Азески вели дека решението на проблемот е најавата од премиерот Христијан Мицкоски за активирање на стоковите резерви и јасно кажаниот став дека нема да се носат мерки како замрзнување на цени и на маржи. Заменик министерот Ристески вели дека се разгледува можноста во оптек да се стават и стоковите резерви.

„Интервенцијата со стоковите резерви е една од можностите за на некој начин одржување на животниот стандард и цените во трговијата на мало и на големо. Меѓутоа да напоменам дека една од промените што се направи е надополнувањето на постојните стокови резерви во иднина да биде исклучиво со македонски производи.“, вели Марјан Ристески.

Ристески додаде дека наскоро со кампањата „Македонското најдобро“ освен земјоделските производи ќе бидат опфатени и кондиторските и другите производи. Дополни и дека со примена на Законот за спречување нефер трговски практики ќе се заштитат домашните производи од нелојалната странска конкуренција.