Сите буџетски корисници и јавни субјекти, како јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, вклучително и општините, имаат обврска да ги доставуваат своите иницијативи за реализација на јавни инфраструктурни проекти со проценета вредност од 5 милиони евра нагоре до Министерството за финансии кое ќе прави независен преглед и проверка на прединвестициските студии…

Согласно пропишаната Уредба постапката се однесува на инфраструктурни проекти со проценета вредност од 5 милиони евра, односно ќе се врши проценка на проектите од 5 милиони евра нагоре. Проценката ја врши посебен Сектор за управување со јавни инвестиции, кој е формиран во Министерството за финансии. Неговата улога е да изврши независен преглед и проверка на прединвестициските студии, да ја следи реализацијата на портфолиото на јавни инфраструктурни проекти на централно ниво за буџетските корисници и да ја известува Владата.

Предлагачите на проектите ќе имаат обврска да подготват проектна идеја-концепт на проектот, а потоа и физибилити студија за предлог проектот, а Министерството за финансии, односно Секторот за управување со јавни инвестиции, ќе направи проверка и оценка на комплетноста и квалитетот на доставените студии од аспект на фискалното влијание, ризиците и одржливоста. Понатаму, за одредување на проектите кои ќе бидат приоритетни за финансирање, Владата ќе формира меѓуресорска работна група/комитет, која ќе врши рангирање на предлог проектите на централно ниво, а конечната приоритетна листа ќе ја одобри Владата согласно нејзините цели и приоритети.

Целта е да се воспостави структуриран и сеопфатен пристап за донесување на одлуки за приоритетност на предложените проекти за јавни инвестиции, кој е во насока на подобрување на процесот на подготовка на инфраструктурните проекти, но и во фазите потоа, односно нивно финансирање и реализација. Очекувањата се дека на ваков начин ќе се подобри ефикасноста во реализацијата на капиталните проекти, особено поради фактот што ќе се намали можноста за доцнење во реализацијата заради непостоење на претходна документација за изводливоста на предлог проектот (физибилити студија) и несоодветна проценка на ризиците на проектот. Овој пристап е општоприфатен како добра пракса која се применува од страна на меѓународните финансиски институции и земјите кои добро управуваат со јавните инвестиции.

„На овој начин го менуваме начинот на кој ќе ги носиме одлуките за инвестирање. Затоа што во минатото имавме ситуации кога се почнувале проекти и не се завршуваме со години. Тоа е затоа што проектите не биле доволно зрели да започнат. Се почнувале постапките и сме заглавени. Не сакаме тоа да се повторува. Уредбата беше работена и од претходниот министер (состав) и ние извршивме притисок да се заврши што побрзо за да можеме таа обврска да ја наметнеме на институциите и тие да почнат да го почитуваат тој процес“, рече министерката за финансии на прес-конференција одржана во Владата.

Станува збор за активност што е дел од реформата во јавните финансии и произлегува од новиот Закон за буџети, кој е основа на воспоставување нов ефикасен систем на управување со јавните финансии. Истовремено е дел од нашата реформска агенда за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и клучен реформски приоритет во Патоказот за реформа на јавна администрација во процесот на пристапните преговори со ЕУ и Економско – финансискиот дијалог со ЕУ.

Министерството за финансии во следниот период ќе спроведе обуки за вработените во јавниот сектор кои работат на подготвување и дефинирање, проценка, спроведување и следење на големи инфраструктурни проекти, со цел градење на нивните капацитети за поефикасно и поефективно управување со јавните инвестиции.

Првата листа на проекти согласно новиот систем треба да биде подготвена до октомври 2025 година и да се применува со Буџетот за 2026 година.