До 25 јуни ребаланскот на буџетот ќе биде пред пратениците. Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска потврди дека се работи на прекројување на државната каса, но не откри каде најмногу ќе се крати. Во моментов најмногу ја загрижува зголеменото ниво на увозот на производи во земјава, особено на храната, што е еден од клучните ризици за раст на инфлацијата. Дополнителен притисок на инфлацијата може да направи и растот на финалната потрошувачка на граѓаните, која е зголемена за дури седум отсто. Сепак министерката вели во проекциите на ребалансот инфлацијата нема да се проектира на повисоко ниво од првичната прогноза за буџетот за годинава од 2,2 отсто.

Гордана Димитриеска Кочоска министерка за финансии: „Во однос на инфлацијата да, загрижува тој податок многу и тука апсолутно нема збор. И ние како министерство за финансии сега подготвуваме некои да кажам производи преку развојната банка малку поголема поддршка на преработувачката индустрија. “

Во однос на слабата реализација на капиталните инвестиции кои заклучно петтиот месец од годинава  не надминуваат 20 отсто, министерката вели се работи и на централно и на локално ниво. Таа смета дека допрва ќе бидат испорачани резултатите кои владата ги најави на почетокот на годинава.

Гордана Димитриеска Кочоска министерка за финансии: „Суштината е во тоа што, се работи меѓутоа знаете, поготово во градежништвото, треба да се сработи нешто па да се потпише надзорот, компанијата, институцијата и сето тоа губи време и некогаш можеби ќе поминат 45 или 60 дена додека да стигне плаќањето од тие процедури. “

Според праксата низ годините, со секој ребаланс на буџетот, на удар се капитални проекти кои се предвидени да се реализираат во тековната година. Тоа значи дека ако реализацијата на капиталните инвестиции кон средината на годината кога најчесто се случува прекројување на дрвната каса изнесуваат под 50 отсто, а годинава е и полошо. Со кратење на дел од првично предвидените проекти реализацијата многу лесно на крајот на годинава ќе достигне и до  80 отсто, што исто така не е некој резулатат за пофалба.